Фудбалерите на Брегалница утре во Штип пред своите навивачи ги очекува претпоследниот предизвик оваа есен во Првата македонска фудбалска лига. Во 17. коло од шампионатот „сините“ го пречекуваат Работнички во желбите за нова победа на домашен терен.
По квалитетното издание на гостувањето против Академија Пандев во Струмица, и дефанзивецот Антонио Азиновиќ верува во натпревар за позитивен резултат и против „романтичарите“. Хрватскиот дефанзивец потенцира дека тимот има одлична есен која треба да се заокружи со два позитивни резултати во последните две есенски кола.
Пред дербито, падна најважниот потпис во Манчестер Сити! ↓↓↓
„Брегалница има одлични натпревари оваа есен и сосема заслужено се наоѓа во горниот дел од табелата. Одигравме повеќе од квалитетно на гостувањето против една од најдобрите екипи во лигата, Академија Пандев. Мислам дека заслуживме и победа, но сето тоа сега е зад нас па максимално се фокусираме на натпреварот со Работнички“ – вели Азиновиќ, и дополнува:
„Не чека уште еден тежок натпревар, против силен противник кој изминативе кола загуби доста бодови па сигурно сега против нас ќе го дадат максимумот за победа. Но, и нашите амбиции се триумф затоа што сакаме со три бода да им се оддолжиме на нашите навивачи кои секој натпревар се со нас и максимално не поддржуваат“.
Натпреварот меѓу Брегалница и Работнички во рамките на 17. коло од Првата македонска фудбалска лига се игра утре со почеток од 13 часот на Градскиот стадион во Штип.
Фото: ФК Брегалница