Иднината на најталентираниот голман во Европа, Џанлуиџи Донарума е тема број еден на Апенините бидејќи сеуште го нема продолжено договорот со Милан.
На Милан му се брза околу продолжувањето на соработката, навивачите се нетрпеливи, но неговиот агент Мино Раиола вели дека сеуште е рано да се донесе конечна одлука.
Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
„Знам дека во Милан се нетрпеливи, но ние не се брзаме и ги одмеруваме сите опции. Џиџио има договор до 2018 година и можно е да остане во Милан, а можно е и да замине. За тоа одлучувам јас, бидејќи јас го донесов во Милан, инаку ќе завршеше во Интер“, вели Раиола.
„Донарума е веќе симбол на Милан и знам дека сакаат да го задржат, јас никогаш не реков дека нема да потпише нов договор, но не се пресудни парите. За него постои интерес од 11 клубови и треба добро да размисли, тој е феномен, Марадона меѓу стативите“, додаде менаџерот во интервјуто за „Кориере дело Спорт“.
Весникот ги откри и имињата на клубовите кои се заинтересирани за голманот, а тоа се: Јувентус, Наполи, Ливерпул, ПСЖ, Јунајтед, Сити, Евертон, Барселона, Реал Мадрид, Баерн Минхен, Атлетико Мадрид.
Милан достави понуда за продолжување на договорот и плата од 4 милиони евра, притоа истакна дека нема намера да го продава голманот и доколку не потпише нов договор следната година ќе ја помине на трибини.