Горан Пандев со Џенова вчера во последното коло од италијанската Серија А успеа да избори опстанок.
Џенова ремизираше со Фиорентина (0:0) и благодарение на победата на Интер против Емполи успеа да се избори за уште една сезона во најквалитетната италијанска конкуренција.
Пред дербито, падна најважниот потпис во Манчестер Сити! ↓↓↓
Драматично беше вчера во Италија кога Џенова неколку минути беше во Серија Б (во моментите кога резултатот на натпреварот беше 1:1), а потоа Самир Хандановиќ правеше чуда на голот на Интер и така го однесе својот тим во Лигата на шампионите, но и помогна и Џенова.
Пандев во вчерашниот натпревар играше од првата минута и беше заменет во 84-тата.
„Имам 36 години и вакво нешто не сум доживеал. Овој натпревар ни скрати пет години од животот“, изјави Пандев после натпреварот.
Џенова само поради подобриот меѓусебен дуел против Емполи (две победи) остана во Серија А. Пандев е убеден дека неговиот тим не заслужи да стравува за прволигашкиот статус до последната минута.
„Заслуживме да играме во Серија А во директните дуели со Емполи покажавме дека сме подобар тим, но мораме да бидеме благодарни на Интер и да им честитаме. Нашите навивачи и овој клуб не заслужија до последната минута да стравуваат за опстанокот“, смета Пандев.