Светското фудбалско првенство, кое од 14 јуни до 15 јули ќе ја собере на едно место (во Русија) елитата на светскиот репрезентативен фудбал, е доволен мотив и инспирација за ретроспективно потсетување на неговите претходни изданија и издвојување на незаборавните моменти од фудбалската мундијалска историја.
Овој пат на ред е фудбалската репрезентативна ревија на најдоброто од светскиот фудбал на Мундијалот во САД, 1994 година.
Марадона падна на допинг и отсуството на Французите, Англичаните и Португалците
Салах руши рекорди! Викендов две големи дербија во Премиер Лига! ↓↓↓
Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) организацијата на Светското првенство во 1994 година им ја додели на Соединетите Американски Држави, со цел дополнително да го промовира фудбалот на сите страни од планетата. Подобра земја за организатор не можеа да одберат, бидејќи Американците се познати по спектакли. Така и организацијата на Мундијалот во оваа земја беше спектакуларна од почеток до крај, но за жал, одбележана и со два „црни“ настани.
Првата е Диего Армандо Марадона, кој на ова Светско првенство падна на допинг тестот после победата на Аргентина против Грција со 4:1, во првото коло од групата Д. Марадона на тој натпревар постигна еден гол, а стигна да го изигра и дуелот од второто коло против Нигерија, во кој Аргентинците славеа со 2:1. Резултатот од допинг тестот направен после натпреварот со Грција значеше дека Марадона мора порано и неславно да го заврши првенството, а таа вест ја шокираше светската фудбалска јавност.
Другиот, далеку потрагичен настан, беше убиството на колумбискиот репрезентативец Андрес Ескобар, кој во вториот натпревар од групата А си постигна автогол, а Колумбија беше поразена од САД со 2:1. Подоцна Ескобар беше егзекутиран од членовите на еден од колумбиските нарко картели.
Но, да се вратиме на малку посветлата страна и поведрите теми од овој Мундијал. Како што забележа Крис Бивен, новинарот на ВВС, првенството започна на сличен начин како што и заврши – со промашен пенал.
Имено, познатата пејачка Дајана Рос требаше да постигне лесен гол од пенал на отворањето на Мундијалот, но го промаши целиот гол, а таа сцена остана незаборавен момент од иницијалната мундијалска церемонија. Токму пеналите го дадоа и светскиот првак во САД, но за нив нешто подоцна.
Интересно е дека на првенството во САД не се пласираа Франција, Англија и Португалија. Сите запнаа на европскиот дел од квалификациите. Првенството броеше 24 репрезентации учеснички, поделени во шест групи, а пласманот понатаму го обезбедуваа првопласираните и второпласираните тимови од сите групи, како и статистички најдобрите четири третопласирани репрезентации.
Никој од големите фаворити не „запна“ во разигрувањето по групи, но затоа нокаут фазата донесе неколку неочекувани резултати.
Прво, сјајната и славна генерација на Романија, предводена од Георге Хаџи, ги исфрли Аргентинците во осминафиналето со резултат од 3:2, а потоа и Бугарија, на чело со Христо Стоичков, го нокаутираше бранителот на титулата, Германија, со 2:1 во четвртфиналето.
Бугарија на тој начин стигна до големото полуфинале, до каде што стигнаа и Швеѓаните кои во осминафиналето ја елиминираа Саудиска Арабија, а во четвртфиналето Романија на пенали.
После 24 години чекање, Бразилците се качија на тронот
Сепак, бајката за Бугарите и Швеѓаните беше прекината во полуфиналните дуели, каде Бразил ја елиминираше Шведска со 1:0, а Италија беше подобра од Бугарија со 2:1, носена на крилата на Роберто Баџо.
Во средбата за бронзата, Шведска ја декласираше Бугарија со 4:0, а ден подоцна во Пасадена, пред скоро 95.000 гледачи, на теренот, во борба за титулата светски првак, силите ги одмерија Бразил и Италија.
Финалето не донесе игра за паметење. Италија во дуелот влезе со големи „кадровски“ проблеми, па карактеристично за нив, главно се бранеше. „Нулата“ на семафорот траеше до доаѓањето на неизбежниот момент, за прв пат во историјата на Светското првенство, првакот да се реши на пенали. Беше неизвесно само дали Италија ќе биде четврт пат светски шампион после 12 години, или Бразил четврт пат ќе го крене пехарот, после 24 години чекање на тој момент.
Во изведувањето на одлучувачките мундијалски пенали, Марсио Сантош промаши за Бразил, додека прецизни беа Ромарио, Бранко и Дунга. На другата страна погодија само Албертини и Евани, додека Барези, Масаро и Роберто Баџо беа трагичари, посебно последниот. Баџо го промаши петтиот пенал за Италија и така на Бразил буквално му ја подари светската титула.
Промашениот пенал во финалето потсети на промашениот пенал на познатата пејачка на отворањето на првенството, но нејзиното промашување остана комично, а она на Баџо стана трагично, посебно болно за Италијаните и сите оние кои страсно навиваа за Азурите и го имаа Баџо за идол.
Со по шест постигнати гола, Христо Стоичков и Русинот Олег Саленко беа први стрелци на првенството, додека второто место го делеа Ромарио, Роберто Баџо, Јирген Клинсман и Кенет Андерсон од Шведска.