Јувентус и оваа сезона нема да ја освои Лигата на шампионите. Овој пат за „старата дама“ кобен беше Ајакс кој со вкупни 3:2 во четвртфиналето ги елиминираше фаворизираните Италијанци.
Многумина сметаат дека со оваа елиминација дојде крајот на циклусот на Масимилијано Алегри на клупата на клубот од Торино. Меѓутоа раководството има поинакви планови и во Јувентус немаат намера да го менуваат човекот кој во претходните четири години освои исто толку Скудета.
Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Веднаш после вчерашниот натпревар претседателот на Јувентус, Андреа Ањели застана пред камерите и откри дека Алегри многу веројатно ќе биде тренер и следната сезона во најтрофејниот италијански клуб.
„На клупата и понатаму ќе биде Алегри, има уште една година од договорот. На крајот од сезоната ќе седнеме и ќе разговаравме“, изјави Ањели.
Дека сака да остане потврди и самиот Алегри кој во наредниот период сигурно ќе претрпи многубројни критики бидејќи освојувањето на Лигата на шампионите за Јувентус оваа сезона беше приоритет.
„Веќе тоа го зборувавме и ја ќе ја соопштам својата одлука. Одлучив да останам, но за тоа ќе зборуваме на официјалниот состанок“, изјави италијанскиот стратег.
Во скоро пет сезони колку што е на клупата на Јувентус, Алегри овој тим два пати го одведе до финалето на најелитното клупско натпреварување. Во 2015 година беа поразени од Барселона (1:3), а две години подоцна од Реал Мадрид (1:4).