Втора победа оствари Сениорската женска ракометна репрезентација на Македонија во вториот меч против Фарски Острови во квалификациите за Европското Првенство 2018 година. Избраничките на Симе Симовски славеа во СРЦ „Кале“ со 28-24.
Само четири дена по победата над Фарски Острови на гостински терен во Торшавн, нашите репрезентативки ја потврдија фаворитската улога и на натпреварот во Скопје остварувајќи го вториот триумф во квалификациската група со што ги задржаа шансите за пласман на ЕП 2018. Уште од почетокот на натпреварот Македонија водеше, а Фарски Острови успеаја да изедначат единствено во шестата минута кога резултатот беше 2-2. Нашиот состав веднаш потоа направи серија од 5-1 за водство кое до крајот на првото полувреме се искачи до 14-8.
Дерби на Манчестер: Да се види кој е полош!? ↓↓↓
Во второто полувреме генерално се играше изедначено, двете репрезентации имаа периоди на постигнати голови во низа, а Македонија немаше проблем да го задржи водството за конечен и заслужен триумф од 28-24.
Јована Саздовска со 7 погодоци и Елена Ѓеорѓијевска со 6 беа најпрецизни во нашиот тим, каде уште во листата на стрелци се запишаа и Бајрамовска, Гакидова и Штериова со по 3 гола, Керамичиева и Ристовска кои постигнаа по 2, односно Душица Ѓорѓиевска и Марија Николиќ кои беа стрелци на по еден погодок. Добар настап на голот на Македонија, пред се во првото полувреме, имаше Драгана Петковска со 9 одбрани.
По комплетирањето на четвртото коло од Квалификациите за ЕП, на делба на првото место на табелата се Србија и Шведска со по 6 бода, додека Македонија е трета со 4 бода пред последнопласираниот тим на Фарски Острови кој нема бодови. Последните две кола се играат на крајот на мај и почетокот на јуни, кога Македонија најпрво ја пречекува Шведска, а потоа гостува во Србија