Шефот на судиите во ФИФА, Пјерлуиџи Колина, кој е дел од ИФАБ, телото кое ги одредува правилата на фудбалската игра, откри дека може да има голема промена пред Мундијалот во Катар.
Станува збор за ефективниот дел од натпреварот, односно судиското надополнување кое во Катар би можело да биде и до 10 минути, со цел да се подобри самата игра.
Салах руши рекорди! Викендов две големи дербија во Премиер Лига! ↓↓↓
„Денес е прифатено дека е добро кога се игра 60 минути ефективен фудбал. Ние во ФИФА ќе им кажеме на судиите за Мундијалот како да го надополнат изгубеното време, но и за постигнатите голови. Ако во едно полувреме се постигнат три гола, просечното славје трае минута и пол, односно пет минути славење и пет минути во кои не се игра фудбал. Доколку сакаме да бидеме попрецизни, ќе треба да се подготвиме за временска компензација од девет минути“, истакна Колина.
Легендарниот судија воедно објасни како се губи времето во текот на натпреварите
„Доколку ја погледнете статистиката, ќе видите дека некои тимови играат ефективно 52 минути, други 43 минути, а трети 58 минути. Ако сето тоа се собере во текот на една лигашка сезона, разликите стануваат големи. Друга работа што треба да се земе предвид е дека навивачите и на стадионот и во близина на ТВ екранот плаќаат со своите пари за да гледаат фудбалски натпревар од 90 минути, но понекогаш гледаат по 44-45 минути игра. Половина од цената на билетот оди на време на неактивност. Поголемиот дел од времето се троши на изведување аут или гол-аут“, објасни Италијанецот.