Јувентус пред пет дена одлучи да го отпушти Масимилијано Алегри (56), а негов наследник како што стојат работите ќе биде сегашниот тренер на Болоња, Тијаго Мота.
Веќе подолго време се најавува дека Мота (41) би можел да биде нов тренер на Јувентус, а сега тоа го потврдија неколку италијански новинари помеѓу кои и Ромео Агрести кој важи за човек близок до клубот од Торино и скоро секогаш има сигурни информации.
Дерби на Манчестер: Да се види кој е полош!? ↓↓↓
Тренерската кариера Мота ја започна во 2018 година во младинскиот тим на ПСЖ, а по една година го презеде самостојното раководство на Џенова, каде што доби отказ по само десет натпревари на клупата. Потоа ја водеше Специја од 2021 до 2022 година, додека од септември 2022 година е на клупата на Болоња. На 75 натпревари со овој тим забележа 35 победи, 23 нерешени и 17 порази.
Болоња минатата сезона заврши на деветтото место во Серија А, што беше најдобар резултат на клубот од 2012 година, кога беа исто така деветти под водство на Стефано Пиоли. Но, тоа не е ништо во споредба со она што Мота успеа да го постигне оваа сезона. Болоња е на третото место на коло пред крајот на првенството и обезбеди настап во Лигата на шампионите следната сезона.