Дома Македонски спорт Интервју со Ненад Монев – човекот кој собираше искуство од најпознатите фудбалски имиња: Се трудам на најдобар начин да го претставам ФК Работнички и македонскиот фудбал

Интервју со Ненад Монев – човекот кој собираше искуство од најпознатите фудбалски имиња: Се трудам на најдобар начин да го претставам ФК Работнички и македонскиот фудбал

Ненад Монев е првиот спортски работник од Македонија на кого му се укажа можноста да биде дел од напредната студиска програма на ЕКА со поддршка од УЕФА.

На предавањата во ЕКА, Монев имаше прилика да се сретне и да собира искуство од некои од најголемите светски фудбалски имиња како Иван Газдиси, Андреа Ањели, Роман Абрамович…


Дерби на Манчестер: Да се види кој е полош!? ↓↓↓


Тој присуствувал на предавањата на Ањели кој во таа 2017 година беше претседател на ЕКА се до неговото повлекување по настаните со Суперлигата во 2021 година.

1.Како дојдовте до желба да се занимавате со ова што сте денес?

Искрено од 5-6 години имам почнато со спортот, уште на тие години почнав да тренирам пливање, после 11 години посветени на пливањето, 2 години тренирав ватерполо, нешто што многу млади спортисти во тоа време го практикуваа од пливање да се префрлат на ватерполо. Така беше се до завршување на средно образование и почеток на факултет. Од секогаш сум го сакал спортот и сум бил максимално посветен, и е можеби од неколкуте работи кои ме интересираат во животот. За првпат директно се соочив со спортскиот менаџмент кога беше потребно да ја бранам дипломската теза. Тогаш поради фактот дека бев запишан на економски студии, малку беше чудно да од сите тие теми кои произлегуваат од таа наука, јас побарав од менторот да ја бранам дипломската на тема СПОРТСКИ МЕНАЏМЕНТ. На мое големо задоволство ми беше одобрено, но со една реална состојба дека кај нас нема материјали за оваа тема. Сепак јас се сам обезбедив и на крај беше одбранета тезата со највисока оценка. Тоа претставуваше појдовна точка кон она што го работам денес. Потоа се запишав на постдипломски студии во Белград на СПОРТСКИ МЕНАЏМЕНТ, каде завршив со максимален просек и тогаш веќе беше јасно која е мојата желба и што е тоа што ме исполнува најмногу на професионално поле.

2. Со вашата обука на програмата на ЕКА со поддршка од УЕФА и работа сте се запознале со функционирањето и на големите светски клубови. Можете ли да споредите до каде сме во тој поголед, колку сме далеку?

– Искрено многу сме далеку. Благодарен сум на ФК Работнички и ЕКА што во изминативе 8 години ми овозможија да имама многу прилики да запознам голем број колеги од најголемите европски клубови и преку едукативните програми и работните групи на ЕКА да имам прилика да видам како тоа функционира. Мислам дека кај нас сеуште нивото на организација на клубовите, нивото на инвестициите, самата лига, системот на поддршка на спортот и ред други работи се далеку од нивото на кое функционираат многу други балкански клубови, а не па европските. За жал кај нас сеуште, со чест на исклучоци, фудбалот е на ниво на полупрофесионализам, со одредени повремени успеси, но она што се повеќе е видливо е дека вложувањата и успесите на клубовите од другите земји се во пораст, за разлика од кај нас каде постои одредено стагнирање, па дури и негативни резултати, доколку се погледне од аспект на УЕФА националното рангирање.  

3. Сте присуствувале на предавањата на Андреа Ањели, можете ли да ни кажете нешто повеќе за тој настан?

Во 2017 година, бев одбран во една престижна група од 25 професионални административци од клубовите да ја посетуваме двегодишната програма (ECA Club Management Programme). Заедно со мои колеги од клубови како Интер, Јувентус, Рома, Манчестер Јунајтед, Манчестер Сити, Арсенал, Селтик, Бенфика, Галатасарај, Динамо Загреб и ред други, во Ноември 2017 година го започнавме Првиот модул од таа програма на тема Лидерство и стратегија, каде домаќин беше токму Јувентус и во тие 3 дена во Торино, бевме во друштво на тогашниот Претседател на Јувентус, Андреа Ањели. Тој во тоа време беше и Претседател на Европската клупска асоцијација (ЕКА), се до неговото повлекување во Април 2021, знаеме многу добро од која причина, поради истапувањето на Јувентус од ЕКА и идејата за формирање на Суперлигата. Искрено од тие луѓе, кои се наоѓаат на такви високи позиции во европските гиганти, бидејќи конкретно тогаш на тие предавања присутен беше, на пример и тогашниот Извршен директор на Арсенал, Иван Газидис, кој подоцна премина во Милан и многу други, можеш многу да научиш, особено на начинот на водењето на такви големи клубови со големи успеси и традиција. Едноставно секоја минута во нивно присуство е драгоцена. Сега како искуство би го истакнал работењето во ЕКА и соработката со Нассер Ал-Kелаифи, Претседателот на ПСЖ и сегашен Претседател на ЕКА. Свесен дека сето тоа е далеку од она што го среќавам овде во секојдневното работење и разликата во нивото на клубовите е огромно, но сепак секоја таква средба и предавање е само ново големо искуство како на професионален така и на личен план.  

4. Тешко ли е да се стигне да се биде во друштво на таква фудбалска елита?

– Па искрено јас сум му благодарен на Претседателот на ФК Работнички, Драган Попоски, кој пред 8 години ми ја укажаа таа доверба, јас да го преставувам ФК Работнички во ЕКА. Но, со самото назначување, уште од првиот ден искрено ќе кажам дека работам и се залагам максимално професионално да бидам вклучен во работата на ЕКА и да допринесам за нејзиниот напредок како организација.  Се трудам на најдобар можен начин да го преставам ФК Раобтнички, но и македонскиот фудбал воопшто. Без разлика што доаѓам од Македонија и од Балканот, сепак можам да кажам дека сум максимално почитуван од страна на колегите кои доаѓаат од поголемите клубови, а доказ за тоа се изборите за член на повеќе работни групи во минатото (Institutional Relation, Social Dialogue Committee и Sustainability), како и оваа последната во која добив доверба да бидам дел од најпрестижната Men’s Football Working Group, која во идните четири години ќе ја има задачата заедно, во тесна соработка со УЕФА и ФИФА да ја креира иднината на европскиот клубски фудбал.  Сепак бара многу време, ангажирање и посвета за да може да се биде во тек со она што го носи со себе модерниот европски фудбал, бара одредено излагање од комфор зоната и овој балон наречен домашно првенство и македонски фудбал, но мислам дека одлично се вклопувам, особено во мисијата и целта за што ЕКА постои, а тоа е еднаков третман на сите европски клубови, особено битно за малите како нас, кои таму се и најмногубројни. Благодарен сум и на новото раководство во ФК Работнички, кое ја препозна мојата посветена и професионална работа и ми ја укажа довербата во иднина да можам да ја продолжам мојата работа во истата насока и со уште поголем мотив, бидејќи од ова голем и сестран бенефит имал и ќе има и ФК Работнички.

5. Како правите разлика помеѓу бизнис интересот на клубот и спортскиот успех, тешко ли е тука да се воведе рамнотежа?

– Секако дека е потребна добра анализа, која е клучна во изнаоѓањето на таа рамнотежа. Без размислување, најголеми и највидливи се спортските успеси, но тие се во тесна поврзаност и со сето она што клубот го работи и како го работи и надвор од теренот. Како пример, на ова наше ниво, најчесто се случуваат ситуации во кои клубот треба да одлучи дали да задржи квалитетен фудбалер кој може да му донесе квалитет во екипата и одреден спортски успех, но во исто време се наметнува и притисокот од продажба на тој истиот фудбалер, поради фактот дека буџетите на нашите клубови и те како се детерминирани од ваквите продажби на играчи. Тука особено би го спомнал мојот клуб, ФК Работнички, кој е еден од најуспешните на ова поле и кој докажал во минатото и сеуште докажува дека знае добро да ги менаџира особено младите таленти и преку давањето шанса во Првиот тим да направи рекордни трансфери за македонски услови во Европа. Од таа причина ФК Работнички и до ден денес е “самоиздржлив” и функционира со средствата приходувани од продажбата на играчите, како и средствата приходувани од ФИФА тренинг компензациите и солидарниот фонд за играчите кои во минатото биле дел од клубот.

6. Запознаен ли сте како функционираат другите клубови во Македонија, можете ли да издвоите најорганизирани кога би го тргнале Работнички настрана?

– Секако дека сум запознаен, јас сум дел од ФК Работнички веќе 13 и пол години и секако дека горе доле ги познавам состојбите во мак-фудбалот. Не би издвоил ниту еден друг клуб, бидејќи ќе повторам дека секој од нас клубовите во поглед на професионалниот начин на работењето, има одредени предности и недостатоци, кои во одреден временски период можат да се променат, но во голема мера се е детерминирано од спремноста на сопствениците на клубовите да инвестираат во клубот и во обезбедувањето на што поголеми буџети за своите клубови од сезона во сезона.

7. Какви се плановите на Работнички за зимскиот преоден рок, ќе има ли нови имиња?

– ФК Работнички максимално професионално функционира во поглед на организација на клубот и постои јасно одредена линија помеѓу спортскиот и административниот дел на клубот за кој сум јас лично задолжен и кој е многу битен во поддршката и организацијата на Првиот тим и младинската академија на клубот. Тоа ќе го оставам на спортскиот сектор во клубот, кој верувам дека претстојниот преоден рок ќе го искористи за максимално подигнување на нивото на Првиот тим и сите заеднички ќе ја оствариме зацртаната цел за оваа сезона.

8. Каква година би се сметала за успешна за Работнички сезонава?

– Како и секоја година ФК Работнички атакува на место кое води во УЕФА клубските натпреварувања. Оваа година ќе биде потешко поради фактот дека сме веќе елиминирани од Купот на Македонија кој дава едно место во УЕФА конференциската лига, како и фактот дека оваа година, од нашата земја во овие натпреварувања ќе има само 3 клуба, а веќе од следната се враќаме на 4 клуба. Покрај ова секако дека не се откажуваме во трката за едно од овие 3 места, кои гледано од финансиски аспект, значат многу за македонските клубови и директно влијаат на буџетите на клубовите за претстојните сезони. Сепак, покрај пласманот очекувам и дека некои од младите таленти на нашиот клуб, за кои има голем интерес, се пред трансфер во клубови од Европа и Светот.

9. Низ Работнички во вашиот период поминаа успешни и не толку успешни години, кој тренер би го издвоиле што ви оставил најсилен впечаток?

– Искрено за овој период од 13 и пол години во ФК Работнички поминале многу тренери и сите тие на некој начин го дале својот допринос за развојот на клубот. Со сите нив сум имал максимално коректен и професионален однос и секојдневна одлична соработка, без разлика на постигнатите спортски успеси. Од таа причина не можам да издвојам никој посебно, но доколку се погледне низ овие години од аспект на постигнатите успеси на клубот, би го издвоил Игор Ангеловски, кој во клубот најпрво беше спортски директор, а подоцна и Шеф на стручен штаб (тренер), во оние најславни денови за ФК Работнички од моето доаѓање во клубот во 2010 година, кога ја освоивме двојната круна во сезона 2013/2014 и Купот на Македонија во сезона 2014/2015, како и успешните настапи во УЕФА Лигата на Европа, кога стигнавме до Плејоф фазата во ова натпреварување.

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Македонски спорт

Проверете

Кикбоксот има 6 номинации од вкупно 6 категории за индивидуалниот македонски спорт

Оваа година Кикбокс Маитаи федерацијата на Македонија може да се пофали со извонреден успе…