Лина Ѓорческа е тетовска убавица која во гладијаторски стил се бори на светските тениски терени и постигнува завидни резултати.
Вели дека е горда на досегашните успеси и ветува уште многу подобри резултати од светските натпреварувања. Силно веруваме во нејзините способности и до некој нареден разговор и посакуваме многу успеси и искачени скалила на ВТА листата.
Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓
1. Oд мали нозе започнавте да тренирате тенис, но од каде желбата токму за овој спорт?
Со тенис почнав на шест години во Тетово. Брат ми е главниот виновник за тоа. Тој веќе подолг период тренираше тенис, па така, покрај него и јас почнав. Ги правев истите вежби што ги правеше и тој. Најпосле и јас почнав да одам на тренинзи.
2. Ми се чини дека релативно брзо почнавте да се искачувате на ВТА листата и достигнавте многу значајни резултати во спортската кариера. Дали се сложувате?
Па, искрено мислам дека може и побрзо да се направат значајни резултати и има доста такви примери, меѓутоа со оглед на тоа какви услови и помош имаме во Македонија, дефинитивно е доста брзо. Отсекогаш сум велела дека за сè во животот, не само за тенис, најдобро е постепено да се напредува – чекор по чекор. Доколку сме упорни во тоа што го правиме сè ќе си дојде на свое место.
3. Што значи за Вас „да се достигне плафонот“? Дали е тоа одлична позиција на ВТА листата или нешто далеку повисоко?
Еве вака кратко ќе ви кажам, ќе бидам скромна – сите сакаме да бидеме први во светот, но јас и со топ 50 на ВТА листата ќе бидам задоволна. Индивидуален спорт е, еден од најпопуларните и има премногу натпреварувачи кои имаат иста цел. Така што, јас и за досегашниот успех сум горда на себе и ви ветувам дека ќе има уште подобри резултати.
4. На кој начин тенисот го промени Вашиот живот?
Имам доста поразличен живот од моите врсници, исполнет со премногу патувања и запознавање различни луѓе од сите страни на светот. Бидејќи е индивидуален спорт, ме научи да бидам многу одговорна личност и да созреам многу порано. Точно дека секој ден сум на тренинзи и дека немам време и можност секојдневно да бидам по дискотеки, што нели е соодветно за девојки на моја возраст, но искрено и не ми е жал. Напротив – уживам во тоа што го правам.
5. Кој е Вашиот идол во македонскиот женски спорт? Или во светскиот?
Имам огромна почит за сите спортистки од Македонија. Знам како е да бидеш спортист кај нас и навистина сите ги почитувам. Од светски рамки, еве поточно од тенисот, ќе ја издвојам Серена Вилијамс која е легенда во нашиот спорт и е пример за тоа како треба да изгледа еден спортист на терен – секогаш борбена и покрај тоа што толку години е број еден.
6. Колку и во што сметате дека македонскиот тенис се разликува или е сличен со тенисот што се игра надвор? По што се издвојуваат тенисер/-ките со поголем ранг на ВТА листата?
Нема некои разлики во начинот на игра, но во условите, популарноста и финансиите од државата, федерацијата… мислам дека сме многу години поназад од сите држави во светот, а и во регионот. Тенисерите на врвот на листата се издвојуваат со тоа што имаат, што би се рекло, „ветер во грб“ поточно помош од институциите и од спонзори, константност на јаките турнири, а со самото тоа и огромно искуство.
7. Каде се гледате себеси за 5-10 години?
За пет години ќе бидам во најзрелите играчки години, со многу повеќе искуство и како што ви кажав, се гледам во топ 50 во светот. А за 10 години е многу рано, ќе треба повторно да ме прашате за некоја година.
8. На кој начин сметате дека придонесувате и во иднина ќе придонесувате за женскиот тенис и воопшто за спортот и спортските активности во нашата држава?
Мислам дека сум доста добар пример дека без никаква помош освен од семејството и со не баш добри услови успеав да бидам прв играч кој учествувал на сите гранд слам турнири. Оние што се занимаваат со спорт и што следат тенис, знаат колку е тешко да се дојде до гранд слам. Исто така мислам дека придонесувам и за популаризација на женскиот тенис во државата.
9. Што би им порачале на младинките и младинците кои сакаат да тренираат тенис?
Би им порачала на сите, па и на оние што не сакаат професионално да се занимаваат со тенис, да пробаат да играат затоа што пред сè е многу интересен спорт, а и доста здрав бидејќи се активираат сите можни мускули на телото. А секако ги охрабрувам и оние кои сакаат професионално да се занимаваат затоа што ќе го прошетаат целиот свет, ќе запознаат многу луѓе и секогаш ќе бидат во топ форма :)) На почетокот е секогаш тешко бидејќи сте сами на теренот, но кога ќе почнат да победуваат и да освојуваат турнири, а сами се заслужни за тоа, нема поубаво чувство.
10. Кој е Вашиот нареден подвиг?
Кратко и јасно: влез во главен турнир на Гренд слем
Извор: Здружението за унапредување на меѓусебна доверба ТАКТ.