Европскиот шампион и легендарен напаѓач на Црвена звезда – Дарко Панчев ѝ ја подари „Златната копачка“ на Црвена звезда за клубот да направи реплика, која во иднина ќе се наоѓа во Музејот на стадионот „Рајко Митиќ“.
Македонската фудбалска легенда го заслужи престижното признание кое им се доделува на најдобрите стрелци во Европа во историската сезона 1990/91 година, кога Црвена звезда го постигна најголемиот успех.
Дерби на Манчестер: Да се види кој е полош!? ↓↓↓
Белградските „црвено-бели“ таа сезона се искачија на врвот на Европа, а за успехот значително влијание имаше Панчев, кој не само што го реализираше последниот пенал во финалето од Купот на Европските шампиони (сегашна ЛШ) во Бари против Марсеј, туку и 34 пати таа сезона се запиша во листата на стрелците и го заслужи вредното признание.
Панчев беше познат по прекарот „Кобрата од Вардар“, но на „Златната копачка“ чекаше до 2006 година, поради спорот на Фудбалската федерација на Кипар. Престижната награда по точно 15 години заврши во вистински раце.
Црвена звезда отсекогаш била горда на великаните кои го носеле црвено-белиот дрес. Еден од нив е Дарко Панчев, кој со воодушевување ја прифати иницијативата на српскиот клуб да направи реплика на неговата „Златна копачка“. Во оваа прилика делегација на Црвена звезда престојуваше во Скопје и доби вредно признание од Панчев, чија реплика во иднина ќе го краси трофејниот музеј на клубот.