Како и секоја сезона традиционално СЕХА Газпром лигата започнува со македонско дерби меѓу Вардар и Металург. Првично средбата требаше да се игра на гостински терен, но во договор со клубовите средбата ќе се игра во СЦ „Јане Сандански” во среда од 20,45 часот. По тој повод имаше пресконференција на која тренерот и заменик капитенот на црвено-црните дадоа свои видувања.
Роберто Гарсија Парондо: Се извинувам што не можам на првата прес-конференција да зборувам на македонски. Уште не сум подготвен за да зборувам добро, но за еден месец ќе можам да го направат тоа. Стартуваме во СЕХА лигата со натпреварот против Металург. Имаме проблеми со неколку ракометари. Играме повторно со тим кој е наш стар ривал. Не сме во најдобар момент бидејќи не сме комплетни, но нашата стратегија е на секој натпревар да одиме на победа. Одигравме добра средба со Металург во Струга во Супер купот. Сега ситуацијата е поинаква и ова е сосема друг натпревар. Го почитуваме противникот и го респектираме, но нашата цел ќе биде да одиме на победа на секој натпревар.
Салах руши рекорди! Викендов две големи дербија во Премиер Лига! ↓↓↓
Тимур Дибиров: Се соочуваме со проблем кој никој не го сака. Ниту еден пат не трениравме комлетни. Играчите постојано се со здравствени проблеми. Најавуваме интересна и возбудлива сезона. Одигравме 2-3 турнири и уште не можеме да знаеме колку сме подготвени и каква е нашата слика. Имавме одлични средби со ПСЖ, Нант и Фуксе Берлин, но не беше така добро против Хамбург и Мешков. Сакаме да покажеме квалитет без разлика кој ќе биде во составот. Не сме уште константни во моментов и уште не сме најсигурни, но ќе биде подобро. Ќе видиме како ќе биде во февруари и во март. Имаме нов тренер и играчи и ни треба време. Бараме поддршка од сите. Ни треба поддршка од навивачите, но и од медиумите. Металург секогаш дава 100-120 проценти против Вардар. Без разлика во кој состав е ние имаме голем респект и ќе се обидеме да го дадеме максимумот. Очекувам да биде потешко отколку во Струга. Сега Металург имаше време да се подготви за првото коло од СЕХА. Одиме со респект и кон Металург и кон секоја екипа”, рече левото крило на Вардар на првиот прес пред стартот на новата сезона.