Ракометната федерација на Македонија денес и официјално го претстави Данило Брестовац за селектор на ракометната репрезентација.
Брестовац на кормилото на националниот тим доаѓа на место на Раул Гонзалез и до јуни ќе биде на уште две работни места – предводник на кадетската селекција и на екипата на Металург.
Дерби на Манчестер: Да се види кој е полош!? ↓↓↓
Тој истакна дека е подготвен за новиот предизвик за кој смета дека доаѓа во вистинско време.
„Некои велеа дека ми е рано, јас мислам дека сега е вистинско време. Благодарност до комисијата и до претседателот што одговорија позитивно на мојата кандидатура за селектор. Прифатив, затоа што мислам дека сум способен да одговорам на оваа функција. Сето она што е позади мене ми дава за право да дојдам до остварување на овој мој професионален сон, да бидам на чело на македонската репрезентација“, истакна Брестовац.
„Со некои од овие репрезентативци сум делел соблекувална, младите веќе ги познавам, така што мислам дека полесно ќе ја направам таа фузија на повозрасните и младите кои досега сум ги селектирал. Мислам дека имаме еден добар период за да создадеме репрезентација на која ќе се гордееме и да успееме дури да ги престигнеме досегашните резултати на репрезентацијата. Ве молам за малку време, за да го формирам мојот стручен штаб. Веќе од утре ќе почнам да разговарам со потенцијалните соработници“, додаде новиот селектор.
Брестовац потпиша договор до јуни 2022 година, а дебито на клупата на македонската репрезентација ќе биде на 10 април во Рејкјавик против Исланд во квалификациите за ЕП 2020.