Пред почетокот на новата фудбалска 2024/2025 сезона спортскиот директор на Брегалница Никола Тонев во разговор за клупскиот сајт ги кажа своите очекувања, но и зборуваше за причините за неуспехот во минатата.
Според Вас, кои се причините за неуспешната ланска сезона во која ФК Брегалница испадна во втора лига?
Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Сметам дека причините се евидентни. Лошиот избор на засилувања и хемијата меѓу играчите и стручниот штаб се според мене главната причина, т.е проблемот беше само фудалски и ништо друго. Брегалница лани имаше рекордно највисок буџет во историјата, а резултатите беа катастрофални. Газдата на клубот лани даде се од себе, вложи повеќе од ветеното, а се случи најлошото можно сценарио.
Што ќе смените во клубот од позицијата која ја имате?
Мојата филозофија е костурот на екипата да се прави од млади и тие да бидат носители на играта. И претходно, кога бев во клубот, од Брегалница излегоа Иван Николов, Давид Денковски, Јован Манев, Михаил Димитриевски, играчи кои беа носители (и капитени) на младинската репрезентација на Македонија. Подоцна, тие готови играчи прават успешни трансфери и клубот функционира на тој начин. За жал, претходната (неуспешна) сезона, Брегалница функционираше комплетно поинаку.
По Вашето враќање, ФК Брегалница направи комплетен ремонт на екипата. Дали во ова 2.лигашко друштво имаме квалитет за кам-бек во прва лига?
Направивме добар траснфер пазар, покриени сме на секоја позиција. Целите и желбите се јасни, но ќе одиме чекор по чекор, натпревар по натпревар, со сериозен пристап и со квалитетна и длабинска анализа на секој противник.
Дали екипата е спремна за почеток на сезоната?
Да. Одработени се одлични подготовки, избрусена е формата и најважно од се е дека сите играчи се фит и на располагање на шефот на стручниот штаб.
Што да очекува публиката во сабота против прилепска Победа?
Како што спомнав, во секој меч ќе влегуваме со респект кон противникот, и со дисциплина во играта. Очекувам 3-те бодови во сабота да останат во Штип и со победа да ја отвориме сезоната и да ги израдуваме гледачите.