Вечерва од 20:00 часот беше одиграно и второто четвртфинале на Светското првенство.
Ова беше веројатно и четвртфиналето кое привлекуваше најголемо внимание, се сретнаа две селекции кои имаат амбиции да одат до самиот крај, на крајот се радуваа Белгијците, Бразил го заврши својот пат во Русија.
Дерби на Манчестер: Да се види кој е полош!? ↓↓↓
Бразил започна добро, после еден центаршут ја погодија и стативата од голот на Куртоа, но тоа беше се од нив во првиот дел, потоа следуваше одлична игра на Белгија.
Белгијците имаа и среќа. До предност стигнаа со несреќниот автогол на Фернандињо кој после еден изведен корнер си ја смести топката во својата мрежа.
Алисон во 31 минута беше приморан и втор пат да ја вади топката од голот. Ромелу Лукаку започна една контра за својата репрезентација, ја носеше таа топка од својата половина се до пред противничкиот шеснаесетник кога додаде до Кевин Де Брујн кој со одличен удар го совлада бразилскиот голман.
До крајот на првите 45 минути Белгија пропушти и неколку прилики да ја зголеми предноста.
Во вториот дел гледавме многу подобар Бразил, како што одминуваше времето се почесто се играше пред голот на Куртоа.
Голот на надеж за „Кариоките“ стигна во 76 и тоа преку нововлезениот Ренато Агусто кој на теренот истрча само три минути претходно. По овој гол Бразил комплетно се префрли пред противничкиот гол, додека Белгија се ориентираше на одбраната, а на крајот и успеа во својата намера со што си обезбеди место во полуфиналето.
Белгија во следниот натпревар со Франција ќе се бори за влез во големото финале.