Баерн Минхен во својата богата ризница на трофеи вечерва додаде уште еден и тоа оној наменет за победникот во германскиот Супер куп.
Суперкуп е натпревар во кој на почетокот од сезоната се среќаваат победникот во лигата и Купот, но бидејќи Баерн ги освои двата трофеи минатата сезона играше со второпласираниот тим во Бундеслигата, екипата на Борусија Дортмунд.
Салах руши рекорди! Викендов две големи дербија во Премиер Лига! ↓↓↓
Милионерите одиграа добар натпревар, но од пораз сепак не се спасија.
Европскиот првак започна офанзивно и уште во 18. минута преку Толисо дојде до водство. На 2:0 зголеми Милер кој по асистенција на Дејвис погоди со глава во 32. минута.
Борусија не се предаваше и успеа да се врати резултатски. Прво Брант го искористи доброто додавање од Халанд, а потоа норвешкото чудо од дете успеа да го матира Нојер и да го врати тимот во игра.
Сепак, Баварците во финишот од натпреварот со сите сили тргнаа по нов погодок, а еден од опасните напади во погодок го реализираше Кимих.
За Баварците ова е осма Суперкуп титула, а веднаш зад нив е токму Борусија Дортмунд со освоени шест титули.