Вечерва во Амстердам европските гиганти Ајакс и Баерн Минхен ќе водат голема битка за првото место во Групата Е во Лигата на шампиони.
Двата тима веќе осигураа пласман во следната фаза, но и двете екипи го посакуваат првото место за да добијат условно полесен противник во осминафиналето.
Дерби на Манчестер: Да се види кој е полош!? ↓↓↓
Притоа, ова е и битка за престиж во европскиот фудбал бидејќи станува збор за два клуба кои заедно девет пати се искачиле на кровот на Европа.
Ајакс секогаш има „нови деца“ спремни за борба
Гигантот од Амстердам повторно има одлична генерација на млади фудбалери кои оваа сезона играат одлично, како во првенството така и во Европа. Без поголеми проблеми во оваа незгодна група обезбедија пласман во нокаут фазата, а во Минхен покажаа дека не се плашат од никого.
Тимот е во исклучително добра форма и помалку неверојатно звучи фактот дека последниот пораз го доживеаа во септември, а од тогаш одиграа 15 натпревари и запишаа 13 победи и две ремија. На домашен терен Ајакс оваа сезона има примено само три гола, а сето тоа им дава доволна самодоверба на младите фудбалери да му се спротистават на ѕвездениот тим од Баварија.
Дали Баварците ја пребродија кризата?
После многу турбуленции во тимот, Нико Ковач конечно ги консолидираше редовите и ја врати загубената самодоврба на тимот. Баварците во последните три меча запишаа исто толку победи, па во Амстердам доаѓаат да покажат дека кризата е конечно пребродена.
Главната цел е првото место во групата, а за тоа ќе им биде потребен само бод. Сепак, Баерн е тим кој секогаш оди на победа и сигурно ќе се надигрува со тимот од Амстердам. Според најавите Баерн би требало да истрча со истиот состав како и на претходните три меча, а тоа е знак дека Ковач конечно ги пронашол идеалните 11-мина.
Веројатни состави:
Ајакс: Онана, Таљафико, Блинд, Де Лихт, Марзау, Де Јонг, Шоне, Ван де Бек, Тадиќ, Хунтелар, Нерес.
Баерн Минхен: Ноер, Рафиња, Шуле, Боатенг, Алаба, Кимих, Горецка, Гнабри, Милер, Рибери, Левандовски.