Во еден неизвесен натпревар, Вардар го доби дербито во рамките на 15 коло од СЕХА-лигата. Црвено-црните триумфираа минимално со резултат 24:25.
Како ПАМЕТНО да типувате на World Cup 2026!
Домашниот тим во текот на целото прво полувреме имаше предност, која во неколку наврати достигна до три гола разлика. Со головите на Бичаниќ и Мраковчиќ, ППД Загреб го отвори мечот со водство од 3:0, за црвено-црните својот прв гол да го постигнат во 6 минута преку Дибиров. Избраниците на Сарачевиќ го диктираа темпото на игра, а Вардар постојано “бркаше“ негатива. Противникот имаше и предност од 6:3, 8:5 и 9:6, но нашиот шампион беше упорен и како се ближеше првото полувреме се доближуваше резултатски. Со два гола во серија, од кои еден на Марсениќ и Македа, успеваме за прв пат на натпреварот да израмниме на 11:11 на две минути пред крајот на првиот дел. Тренерот на Загреб побара минута одмор, кој неговиот тим добро го искористи за да постине два гола и на одмор да замине со водство од 13:11. На вардаровиот гол беше Страхиња Милиќ, кој во првите 30 минути имаше 6 одбрани.
Второто полувреме започна со гол на Загреб за водство од 14:11, за Вардар да постигне три гола во серија и да го израмни резултатот на 14:14. Во следните десет минути гледавме израмнет натпревар, со гол за гол на двете страни. Нашиот состав успева да стигне за прв пат на натпреварот до водство, откако погоди Дибиров за 19:20. Милиќ на голот веќе имаше двоцифрен број на одбранети удари. Вардар поведе и со 20:22 со голот на Карачиќ, но Загреб набрзина постигна два гола и го израмни резултатот на 22:22. Врати Фереира за нова предност, а Кристопанс пропуши можност да погоди и да се одлепиме на два гола, на три минути пред крајот, вака остана неизвесноста околу победникот. Во неизвесен финиш, Карачќ погоди за водство на Вардар од 24:25, додека за Загреб останаа 15 секунди за напад, кои не успеаа да го реализираат, односно Милиќ го одбрани ударот. На крајот победа за Вардар, со резултат 24:25.
Дибиров и Циндриќ постигнаа по 5 голови, додека Милиќ имаше 12 одбрани.