Дома Останати Ракомет Вујовиќ си замина од Катар: „По освоен медал заслужив подобра понуда“

Вујовиќ си замина од Катар: „По освоен медал заслужив подобра понуда“

Веселин Вујовиќ повеќе не е селектор на Катар и нема да ја предводи репрезентацијата на Светското првенство во 2027 година во Германија.

Според информациите, не бил постигнат договор за продолжување на соработката меѓу трофејниот стратег и катарската федерација. Вујовиќ неодамна ја одведе репрезентацијата до сребрен медал на Азиските игри во Јапонија, но тоа не било доволно за нов договор по услови што тој ги очекувал.

Искусниот тренер ја потврди разделбата и објасни зошто не останува на клупата на Катар.

„Точно е, не постигнавме договор за да ја продолжиме соработката. Не добив фер понуда по освоениот медал на Азиските игри, каде што го имав најстариот тим во светот. Верував дека заслужив договор до мај и до олимпискиот квалификациски турнир за Лос Анџелес, но ми понудија договор само до крајот на Светското првенство во јануари. Групата во Кил е исклучително тешка, со Шведска, Норвешка и Грција. Подобро е да си заминам сега, отколку по три порази на турнирот“, изјави Вујовиќ.

Вујовиќ се врати на клупата на Катар минатата пролет, кога го наследи Валеро Ривера. Претходно ја водеше оваа селекција и на Светското првенство во 2025 година во Хрватска, а неговиот втор мандат сега е завршен.

Во својата богата тренерска кариера Вујовиќ бил селектор на Србија и Црна Гора, Словенија, Македонија, Иран и Катар. Неговото прво големо репрезентативно натпреварување како селектор било на Олимписките игри во Сиднеј во 2000 година.

Со Катар освои вкупно три медали. Покрај среброто на Азиските игри во Јапонија, стигна и до сребрен медал на Заливските игри, како и до бронза на Игрите на исламската солидарност.

Посебно се издвојува и успехот со Словенија, која ја предводеше до историска бронза на Светското првенство во 2017 година.

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Ракомет

Проверете

ЛШ на ЕХФ: Веспрем убедлив, Магдебург сигурен, Загреб падна во драма

Четвртото коло во Лигата на шампионите донесе ефикасни мечеви и неизвесни завршници. Магде…