Дома Останати Ракомет Во Охрид немаат дилеми, утре одат по европска титула!

Во Охрид немаат дилеми, утре одат по европска титула!

ГРК Охрид е на чекор до историски успех и освојување на европски трофеј. Во недела од 20 часот во салата „Билјанини извори“, охриѓани ќе го пречекаат унгарскиот тим Татабања во реваншот од финалето на Европскиот куп на ЕХФ, носејќи минимална предност од првиот натпревар (29-28).

Зошто проблемот со улични кучиња СÈ УШТЕ постои? | Уште еден поткаст


Тренерот Борис Рајовиќ истакна дека самиот пласман во финалето веќе претставува историски резултат за клубот, но нагласи дека неговиот тим ќе направи сè за да ја искористи шансата и да стигне до трофејот.

– Со самиот влез во финалето веќе испишавме историја. Сега сме на чекор до европски трофеј, што би било огромен успех за клубот, градот и државата. Ветувам дека ќе го дадеме максимумот на теренот, а поддршката од навивачите ни дава дополнителна сила – изјави Рајовиќ.

Тој потсети дека пред почетокот на натпреварувањето Татабања важела за еден од главните фаворити, но охридскиот состав успеал да стигне до позиција во која сега ја има предноста. Според него, резултатот од првиот натпревар можел да биде и поубедлив, но верува дека неговите избраници ќе одговорат на предизвикот и на домашен терен.

Рајовиќ ја искористи можноста да им се заблагодари на ракометарите, стручниот штаб и управата за придонесот во успешната сезона, нагласувајќи дека атмосферата во клубот е еден од клучните фактори за резултатите.

Од друга страна, голманот Кристијан Пилиповиќ, кој е меѓу најзаслужните за европскиот поход на Охрид, порача дека тимот мора да остане смирен и максимално концентриран.

– Атмосферата ќе биде фантастична, но важно е енергијата од трибините да ја искористиме на вистински начин. Треба да останеме фокусирани и да не подлегнеме на притисокот. Верувам во победа и едвај чекаме да почне натпреварот. Очекуваме навивачите да бидат нашиот осми играч – рече Пилиповиќ.

Реваншот во „Билјанини извори“ ќе биде последен натпревар за охриѓани оваа сезона, а воедно и можност за испишување нова страница во историјата на македонскиот ракомет.

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Ракомет

Проверете

Пелистер по крајот на сезоната се збогуваше со четворица ракометари

Ракометниот клуб Пелистер денеска официјално се раздели со четворица ракометари кои од сле…