Дома Фудбал Роуз дочека прва премиерлигашка победа: Борнмут рутински го среди Сандерленд

Роуз дочека прва премиерлигашка победа: Борнмут рутински го среди Сандерленд

Марко Роуз конечно ја запиша првата победа во Премиер лигата, откако Борнмут на домашен терен славеше со 2:0 против Сандерленд.

На „Виталити“ домашниот состав беше подобар ривал од самиот почеток и рано го отвори резултатот. Во шестата минута Маркус Таверниер погоди со удар со глава, а тој ранен гол му даде дополнителна сигурност на Борнмут.

Работата за Сандерленд дополнително се искомплицира кога Кевин Дансо доби директен црвен картон, откако како последен играч го собори Еванилсон. Со играч помалку, гостите тешко успеваа да се вратат во натпреварот.

Борнмут создаваше шанси во серија и упати дури 29 удари. Голманот Робин Роефс извлече неколку одлични интервенции против Рајан и Еванилсон, но не можеше да спречи и втор погодок. Токму Еванилсон ја пресече лошо вратената топка од Омар Алдерете, го заобиколи голманот на Сандерленд и погоди во празна мрежа за конечни 2:0.

Ова беше силен одговор на Борнмут по тешкиот пораз од 5:1 против Челси во минатото коло, а Роуз по натпреварот посебно ја истакна трпеливоста во клубот.

„Честитки до сите во клубот, до момците и до навивачите. Тие беа навистина трпеливи во последните неколку недели, иако не ги добивавме бодовите што ги заслужувавме. Ова е важна победа“, изјави Роуз.

„Бевме остри во клучните моменти, затоа ја сочувавме мрежата, постигнавме два гола и победивме. Бевме доминантни и интензивни. Тоа се чувствуваше и во соблекувалната и на тренингот – сакавме по секоја цена да дојдеме до оваа победа. Тоа е менталитет“, додаде тренерот на Борнмут.

На спротивната страна, менаџерот на Сандерленд, Режис Ле Бри, не го криеше разочарувањето. Неговиот тим имаше само три обиди кон голот, со вкупно 0.07 очекувани голови.

Со овој пораз, Сандерленд ја продолжи црната серија и сега има четири последователни порази во Премиер лигата. Тоа е нивна најдолга негативна низа во натпреварувањето уште од декември 2015 година, кога тимот под водство на Сем Алардајс нанижа пет порази.

„Тежок натпревар, разочарувачки натпревар, тоа е јасно. Бевме под потребното ниво и тоа тешко се прифаќа. Многу боли затоа што ова не беше Сандерленд и тоа не е прифатливо“, порача Ле Бри.

„Во текот на сезоната ќе има подеми и падови, а ова е голем пад. Многу сум разочаран за навивачите. Тие беа со нас до последната минута, но не беа тие на теренот, а тоа е голем проблем во Премиер лигата, затоа што противникот е силен“, додаде стратегот на гостите.

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Фудбал

Проверете

Живковиќ блесна со две асистенции: ПАОК со пресврт во финишот го доби дербито на Солун

ПАОК стигна до драматична победа од 2:1 против Ираклис во 7. коло од грчката Суперлига, а …