
Поранешните бразилски фудбалски легенди Роберто Карлос и Роналдо, заедно со неколку други партнери, го купуваат бразилскиот клуб Интернасионал де Лимеира, кој моментално игра во третата лига. Карлос ја сподели оваа вест во емисијата “Debate em Jogo”. “Јас и Роналдо ги завршуваме постапките за купување на Интернасионал де Лимеира со Енрико и уште двајца партнери, еден од Африка и друг од Арапскиот свет”, изјави поранешниот лев бек на селекцијата на Бразил, како и на Реал Мадрид и Интер.
Како ПАМЕТНО да типувате на World Cup 2026!
Роберто Карлос објасни дека групата инвеститори има за цел повторно да го засилат фудбалот во внатрешноста на Бразил, со фокус на развојот на млади таленти за националната репрезентација и на реорганизацијата на помалите клубови. “Наша цел е постепено да се вратиме во фудбалот во внатрешните делови на земјата, за да продолжиме со создавање на врвни таленти за бразилската репрезентација и да помогнеме во реструктурирање на клубовите”, вели Карлос.
Тој додаде дека планира да им помогне и на други клубови како Униао Сан Жао, каде што ја започна својата кариера, а сега таму игра неговиот внук. “Моја намера е подобро да ги запознаам овие клубови за да им помогнам да најдат спонзори и да го вратиме фудбалот во тие области на нивото кое го имаше во нашето време”, рече Роберто Карлос.
Интернасионал де Лимеира е основан во 1913 година во државата Сао Пауло и го достигна својот врв во 1980-те години, кога освои титула на сојузно првенство на Сао Пауло во 1986 година и стана шампион на втората бразилска лига две години подоцна. Во моментов, клубот е на врвот на табелата во Серија Ц, третата дивизија на бразилскиот фудбал, со 25 бода по 14 натпревари.
Купувањето на Интернасионал е дел од поширок тренд во бразилскиот фудбал, каде сè повеќе клубови нудат своите акции преку спортски друштва и влегуваат во приватна сопственост. Роналдо има претходно искуство со управување на фудбалски клубови, бидејќи беше сопственик и претседател на Крузеиро и најголем акционер во шпанскиот Реал Валјадолид.