
Поранешниот македонски репрезентативец и ексфудбалер на Вардар, Стефан Ристовски, јавно реагираше поради слабата посетеност на натпреварот меѓу Вардар и Рига во второто квалификациско коло од Конференциската лига.
Како ПАМЕТНО да типувате на World Cup 2026!
Натпреварот се одигра на денот кога најтрофејниот македонски клуб го одбележа 79. роденден, но на трибините на Националната арена имаше само околу две до три илјади гледачи. Најголемата поддршка, како и вообичаено, дојде од западната трибина, каде беа сместени навивачите од групата „Комити“.
Ристовски оцени дека ваквата слика не доликува на клуб со традицијата и значењето што ги има Вардар. Според него, токму ваквите натпревари и значајни датуми треба да бидат повод навивачите да застанат зад клубот, без оглед на моменталните резултати или состојбата во која се наоѓа.
„79 години традиција. 79 години име кое оставило трага во македонскиот фудбал. А денес? Наместо стадионот да биде полн барем од почит кон клубот и неговиот роденден, повторно повеќе ги има тие што бараат маани отколку тие што даваат поддршка. Секогаш нешто не чини – управата, играчите, резултатите, цената на билетот, терминот… изговорите никогаш не недостасуваат. Само луѓето на трибините ги нема.
Најтажно од сѐ не е што има празни седишта. Најтажно е што полека ја губиме културата на фудбалот. Заборавивме дека клубовите не се сакаат само кога освојуваат трофеи. Не се сакаат само кога победуваат. Не се сакаат само кога сѐ е совршено. Тие се поддржуваат и кога е тешко, затоа што токму тогаш поддршката има најголема вредност.
Денес не требаше да се слават само 79 години од постоењето на Вардар. Денес требаше да се покаже почит кон една институција на македонскиот фудбал. Наместо тоа, повторно најгласни беа оние што натпреварот го следат од телефон и подоцна ќе објаснуваат што требало да се направи.
А потоа сите ќе се прашуваме зошто фудбалот во Македонија пропаѓа. Не пропаѓа само поради резултатите или организацијата. Пропаѓа затоа што полека исчезнува чувството дека клубот е повеќе од 90 минути. Исчезнува навиката да се биде на трибина.
Исчезнува почитта кон историјата. А без тоа, нема ниту атмосфера, ниту традиција, ниту иднина“, напиша искусниот бек на социјалните мрежи.