
Реал Мадрид убедливо го совлада АСВЕЛ со 111:92, а вечерта целосно ја одбележа Андрес Фелиз.
Бекот на „кралевите“ одигра натпревар од кариерата во Евролигата и заврши со 26 поени, што е негов личен рекорд во ова натпреварување. Притоа беше неверојатно прецизен од далечина и погоди 8 тројки од 11 обиди.
Со тоа Фелиз не само што го надмина претходниот личен максимум од 18 поени, поставен против Париз во јануари, туку и го удвои својот најдобар тројкашки учинок. Претходно, негов рекорд беа четири тројки на меч против Макаби.
По натпреварот, Тони Паркер даде интересна и духовита изјава за настапот на доминиканскиот кошаркар.
„Го прашав Фелиз дали воопшто ќе промаши некоја тројка. Ми одговори: ‘Играм против мојот идол’. Сега ми е јасно зошто даде осум тројки — играше против својот идол“, изјави Паркер.
Легендарниот Французин и поранешен НБА шампион така на шеговит начин го објасни шутерското шоу на Фелиз, кое АСВЕЛ едноставно не успеа да го сопре.