
Завршена е основната фаза на НБА сезоната, а сега следува борбата за титулата. Пред да започне вистинското доигрување, на распоредот е плеј-ин турнирот кој може да донесе дополнителна драма – затоа што од сега нема простор за грешки, секој натпревар може да значи крај.
Тековната регуларна фаза беше богата со приказни и неочекувани обрати на терените низ САД и Канада, а Оклахома Сити Тандер дополнително ја зачини приказната со рушење рекорд стар повеќе од половина век. Во 82 одиграни натпревари, тие остварија просечна разлика од +12,9 поени во своја корист, што е нов најдобар резултат во историјата на НБА лигата.
Disc Golf challenge: Дали некој ќе погоди од прва!? ↓↓↓
Никој досега не бил толку убедлив низ целата сезона. Со тоа, Оклахома го симна од тронот легендарните Лос Анџелес Лејкерс од сезоната 1971/72, кога нивните победи во просек беа за 12,3 поени разлика. Интересен е и податокот што сите екипи кои биле на врвот на оваа статистика на крајот ја освоиле титулата.
Тандер влегува во плеј-офот како еден од главните кандидати за титулата, а нивниот лидер Шеј Гилџис-Александер е еден од двајцата најсериозни претенденти за наградата MВП, заедно со Никола Јокиќ. Оклахома сезоната ја заврши со триумф над Њу Орлеанс со резултат 115:100, запишувајќи ја својата 68. победа.
Со тој резултат, тие се ставија во елитното друштво – само пет тимови во историјата имале подобар однос од нив: Голден Стејт Вориорс 2015/16 (73-9), Чикаго Булс во сезоните 1995/96 (72-10) и 1996/97 (69-13), Лејкерс од 1971/72 (69-13) и Филаделфија 76 од 1966/67 (68-13).