
Манчестер Сити официјално потврди дека Бернардо Силва ќе го напушти клубот по завршувањето на оваа сезона. За девет години на “Етихад Стадион”, португалскиот играч за врска одигра 451 натпревар, постигна 76 гола, направи 77 асистенции и освои 19 значајни награди, меѓу кои шест титули во Премиер лигата и трофејот во Лигата на шампиони.
И самиот Силва, кој е во топ 10 играчи со најмногу настапи за клубот, даде емоционално обраќање до навивачите на “граѓаните”.
Исхрана, повреди и тренинг – совети од доктор по спортска медицина | Уште еден поткаст
„Граѓани,
Кога дојдов пред 9 години, следев сон на едно мало момче, со желба да успеам во животот, да постигнам големи нешта. Овој град и овој клуб ми дадоа многу повеќе од тоа, повеќе отколку што некогаш сум се надевал. Тоа што го освоивме и постигнавме заедно е наследство кое засекогаш ќе биде чувано во моето срце. Станавме “цитизени”, освоивме домашен квадруплет, требл, четири последователни титули и уште многу други нешта. Не беше толку лошо.
По неколку месеци ќе дојде времето да се разделам со градот каде не само што освоивме толку многу како фудбалски клуб, туку и каде го започнав мојот брак и го создадов моето семејство. Од длабочината на моето срце, Инес и Карлота, ви благодарам!
Ви благодарам и на навивачите. Вашата безусловна поддршка низ годините е нешто што никогаш нема да го заборавам. Мојата главна цел како играч беше секогаш да играм со страст, за вие да можете да се чувствувате горди и добро претставени на теренот. Се надевам дека сте го чувствувале тоа во секој натпревар. Дојдов како играч на Ман Сити, ќе си одам како уште еден од вас, навивач на Ман Сити за цел живот. Продолжете да го поддржувате овој млад тим и сум скоро сигурен дека тие ќе ви донесат многу нови фантастични спомени во иднина.
Благодариме на клубот, Пеп, персоналот и сите мои соиграчи низ овие девет години што ми овозможија да бидам дел од ова патување толку долго. Атмосферата што ја создававме секој ден на тренинг теренот ме натера да се чувствувам како дома и дел од големо семејство. Да се насладиме заедно на овие последни недели и да се бориме за тоа што оваа сезона сѐ уште може да ни донесе.
Ве сакам сите!”, напиша Бернардо Силва на социјалните мрежи.