
Интер доби сериозен удар пред тежок распоред во Серија А и Лигата на шампионите. Лаутаро Мартинез заработил повреда на бутниот мускул и според најавите ќе паузира околу четири недели.
Италијанскиот клуб официјално соопшти дека напаѓачот ги минал потребните лекарски прегледи, по што била утврдена повредата што ќе го оддалечи од терените во наредниот период.
„Лаутаро Мартинез денеска беше подложен на клинички и инструментални тестови кои покажаа истегнување на флексорите на левата бутина“, објави Интер.
Според информациите што ги пренесуваат италијанските медиуми, 29-годишниот Аргентинец се очекува да се врати во втората половина на ноември, по репрезентативната пауза.
Тоа значи дека Интер во меѓувреме ќе мора да се снаоѓа без еден од најважните фудбалери во нападот. Мартинез ќе ги пропушти следните натпревари во период кога тимот го чекаат тешки обврски и на домашната сцена и во Европа.
Најголем удар за „нераѕурите“ е што Лаутаро нема да биде во комбинација ниту за големото миланско дерби против Милан, кое е закажано за 31 октомври. Покрај тоа, ќе ги пропушти и следните две кола во Лигата на шампионите.
Отсуството на аргентинскиот напаѓач доаѓа во незгоден момент за Интер, кој влегува во дел од сезоната во кој секој бод и секој европски натпревар носат дополнителна тежина.