
Откако неодамна Јувентус ги обнови договорите со својата млада ѕвезда Кенан Јилдуз и тренерот Лучано Спалети, денес клубот објави дека го продолжи договорот и со својот капитен Мануел Локатели. Новиот договор на играчот е со важност до летото 2030 година со плата од 4 милиони евра по сезона.
Италијанскиот репрезентативец се приклучи на својот омилен тим во летото 2021 година, кога заедно со „азурите“ ја освои европската титула. Тогаш „Старата дама“ се договори со Сасуоло за двогодишен заем, по што плати околу 36 милиони евра за играчот од средината. Така досега 28-годишниот играч има одиграно вкупно 224 натпревари со 9 голови и 17 асистенции за торинскиот великан.
Исхрана, повреди и тренинг – совети од доктор по спортска медицина | Уште еден поткаст
„Сите ние се сеќаваме како уште при неговото пристигнување во 2021 година Мануел зборуваше со голема емоција дека отсекогаш бил фан на Јувентус. Затоа обновувањето на неговиот договор претставува природно продолжение на неговото лидерство на теренот, како и на неговиот неукротлив јувентуски дух, кој е во целосна хармонија со вредностите и амбициите на нашиот клуб. Ова е чекор напред кон давање стабилност и доследност на нашиот спортски проект со поглед кон иднината и со цел тимот да го правиме сè попродуктивен“, изјави извршниот директор Дамиен Комоли за клубскиот сајт.