
Новак Ѓоковиќ го продолжи својот импресивен настап на Ролан Гарос, обезбедувајќи пласман во третото коло на парискиот гренд слем веќе 21 година по ред.
Зошто проблемот со улични кучиња СÈ УШТЕ постои? | Уште еден поткаст
Српскиот тенисер го совлада Французинот Валентин Роје со резултат 6:3, 6:2, 6:7 (7:9), 6:3, иако си го закомплицираше патот во еден момент.
Гледачите беа сведоци на одличен отпор од домашниот тенисер во почетните гемови, кој се обидуваше да му парира на шампионот со 24 гренд слем титули. Сепак, средината на првиот сет беше моментот кога Ѓоковиќ влезе во вистинскиот ритам и тогаш натпреварот целосно се сврти во негова корист.
Роје, моментално 74-тиот играч во светот, покажа признаци на подлегнување под притисокот да игра против српскиот ас, па Новак без поголеми проблеми ги освои првите два сета. Но, во третото продолжение на мечот се јави пад на концентрацијата кај Ѓоковиќ. Иако имаше водство од 4:2, брзо се најде во опасност при резултат 4:5 и 0:30.
Новак успеа да ја извлече ситуацијата со четири последователни поени, а во тај-брејкот стигна до меч топка. Меѓутоа, Французинот преживеа драматичен крај на сетот и по вкупно 77 минути борба го освои тај-брејкот со 9:7.
Четвртиот сет донесе нови предизвици за Ѓоковиќ на самиот старт, но искусниот играч брзо повторно ја презеде контролата и изгради предност која ја одржа до крај. Иако при сервис за победа имаше 40:15, Роје успеа да избори уште една прилика за брејк и се закани со нов враќање во мечот. Сепак, силен форхенд на Французинот заврши во аут, што му овозможи на Ѓоковиќ од петтата меч топка да го затвори дуелот, по речиси четири часа игра.
Трикратниот освојувач на Ролан Гарос така стигна до 103-та победа во својот 120-ти натпревар на париската земја, а во следната рунда го очекува дуел со подобриот од дуелот помеѓу Дино Прижмиќ и Жоао Фонсека.