
Хидратациските паузи, кои се воведуваат околу 22-та и 67-та минута од натпреварите на Светското првенство, се претставени како мерка за заштита на играчите од екстремни горештини.
Како ПАМЕТНО да типувате на World Cup 2026!
Но, за само неколку недели, овие паузи се претворија во една од најголемите комерцијални револуции во историјата на фудбалот, пренесува шпанскиот AS.
Трите минути прекин им отворија на телевизиските куќи рекламен простор кој децении беше речиси недостапен. Фудбалот, за разлика од кошарката или американскиот фудбал, нема многу природни прекини, поради што рекламирањето за време на самиот натпревар беше секогаш ограничено. Хидратациските паузи сега го променија тоа.
Службеното образложение на ФИФА при тоа е потполно оправдано. Светското првенство се игра среде лето во Мексико, САД и Канада, а екстремните температури можат сериозно да го загрозат здравјето на играчите. ФИФА затоа одлучи да ги стандардизира паузите кои претходно се применуваа само во мечеви одиграни во особено тешки временски услови.
Сепак, многу повеќе се зборува за нивната комерцијална вредност отколку за медицинската цел. Францускиот селектор Дидие Дешан беше многу директен по една пријателска средба.
‘Три минути ги прекинуваат сите, но индустријата е задоволна бидејќи има повеќе реклами. Сега ќе играме четири четвртини’, порача Дешан.
Бројките покажуваат дека неговите зборови не се претераност. Податоците од компанијата iSpot, кои ги објави Forbes, покажуваат дека актуелното Светско првенство освои значително поголем удел на телевизиско рекламирање во живо во САД отколку турнирот во Катар 2022 година.
Светското првенство во Катар сочинуваше 2,77 проценти од опсегот на реклами во директните телевизиски преноси во САД. Актуелниот турнир веќе достигна 13 проценти.
Благодарение на поголемиот број натпревари – 104 наместо 64 – но и на хидратациските паузи, бројот на телевизиски рекламни импресии во САД речиси се утроил во однос на 2022 година.
Во Франција, реклама во времетраење од 20 секунди за време на ваква пауза се продавала и за 425.000 евра. Повисоки цени имаат само рекламите за време на продолженија или изведување на пенали.
Не е случајно ни тоа што официјалните партнери на ФИФА, меѓу кои се Coca-Cola и саудиската нафтена компанија Aramco, имаат предност при купување на тој рекламeн простор.
Fox може да заработи повеќе од половина милијарда долари на паузите
Најголемиот добитник може да биде американскиот Fox. Таа телевизиска куќа обезбеди права за Светските првенства 2022 и 2026 под поволни услови бидејќи турнирот во Катар се играше за време на сезоната на NFL, што не одговараше на нејзината програма.
Според проценките на „The Hollywood Reporter“, реклама во траење од 30 секунди за време на натпреварите чини помеѓу 200.000 и 750.000 долари. Ако се земе предвид дека за време на 104 натпревари на Светското првенство може да има вкупно 624 минути хидратациски паузи, нивната вкупна рекламна вредност може да надмине 500 милиони долари.
Тоа е повеќе од 485 милиони долари, колку што Fox плати за правата во актуелниот циклус. Поради тоа, веќе се очекува дека цената на правата за Светските првенства 2030 и 2034 година ќе биде значително повисока.
Проценките се дека понудите за американскиот пазар би можеле да започнат на милијарда долари, а во случај на заедничка продажба на права за двата турнира да достигнат помеѓу 1,5 и две милијарди долари.