Дома Кошарка ФИБА Европа без промени: Израел останува на неутрален терен

ФИБА Европа без промени: Израел останува на неутрален терен

ФИБА Европа без промени: Израел останува на неутрален терен

Нема промена во ограничувањата за руските, белоруските и израелските екипи во натпреварувањата на ФИБА Европа. Тоа е една од главните пораки од состанокот на Бордот, одржан на 20 ноември во Хамбург.

За тимовите од Русија и Белорусија останува да важи досегашниот статус. Израелските екипи, пак, ќе продолжат да ги играат домашните натпревари на неутрални терени.

Со состанокот претседаваше првиот човек на ФИБА Европа, Хорхе Гарбахоса, а присуствуваа и претседателот на ФИБА, шеик Сауд Али Ал Тани, генералниот секретар Андреас Загклис и извршниот директор за Европа, Камил Новак. Домаќин беше Германската кошаркарска федерација.

На дневен ред беше и формирањето нова кошаркарска федерација на Велика Британија. Работната група на ФИБА продолжува со активностите во координација со „УК Спорт“ и со претставниците на британската кошарка. Бордот одобри и предлог за аплицирање со проектот „Хенд оф“ во програмата Еразмус+, насочен кон привлекување, едукација и задржување кошаркарски судии низ Европа.

Раководството ги разгледа извештаите за европските клупски натпреварувања, како и за квалификациските циклуси за машкиот Мундијал 2027, женскиот Евробаскет 2027 и претквалификациите за машкиот и женскиот Евробаскет 2029.

Одобрени се најголемиот дел од домаќините за младинските европски првенства во 2027 година, а потврдени се и неколку порано определени домаќинства за следните изданија:

  • Евробаскетот за кошаркари до 18 години во 2028 година ќе се игра во Талин, Естонија, од 29 јули до 6 август, како што беше одобрено претходно.
  • Првенството за кошаркари до 16 години во 2028 година ќе се одржи во Орадеа, Романија, од 11 до 19 август.
  • Женското првенство до 20 години, дивизија Б, во 2028 година ќе се игра во Ереван, Ерменија, од 1 до 9 јули.
  • Тулча, Романија, ќе биде домаќин на женскиот Евробаскет до 18 години од 5 до 13 август 2028 година, како и на изданието во 2029 година.

Гарбахоса ја истакна успешната организација на летните младински натпреварувања и продолжувањето на договорот со Сарагоса за завршниот турнир со шест екипи во женската Евролига, за периодот од 2028 до 2030 година. Загклис, меѓу другото, даде позитивна оценка за женскиот Мундијал 2026 во Берлин, посебно за посетеноста и телевизиската продукција.

Беше разгледано и изданието на „ФИБА Мастерс опен“ во Атина, со речиси 1.000 учесници постари од 45 години. Следниот турнир, во 2027 година, ќе се одржи во Минхен.

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Кошарка

Проверете

Јокиќ со 18 поени во една четвртина, па порача: Сакам да страдам, тоа ме прави подобар

Денвер му возврати на Хјустон со победа од 133:124, а Никола Јокиќ објасни зошто тешките м…