Денеска напладне во Нион ќе се одржи ждрепката за 1/8 финалето во Лигата на шампионите и 1/16 финалето во Лигата на Европа.
По натпреварите од групната фаза останаа најдобрите 16. По четири екипи доаѓаат од Германија и Англија, три од Италија, две од Португалија и по една од Франција, Белгија и Шпанија, што е најголемото изненадување, бидејќи Ла Лига ја претставува само бранителот на титулата Реал Мадрид.
Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Ограничувања за ждрепката за осминафиналето како и секогаш ќе има, па така веќе е познато дека клубови од иста земја и иста група не можат да се сретнат еден против друг.
Носители на ждрепката ќе бидат победниците на групите: Наполи, Порто, Баерн, Тотенхем, Челзи, Реал Мадрид, Манчестер Сити и Бенфика. Во вториот шешир ќе се најдат второпласираните екипи: Ливерпул, Клуб Бриж, Интер, Ајнтрахт Франкфурт, Милан, Лајпциг, Дортмунд и Пари Сен Жермен.
Интересно ќе биде напролет и во Лигата на Европа, ждребот за 1/16 финалето за ова натпреварување е од 13:00 часот. Конкуренцијата тука никогаш не била посилна. Второпласираните екипи во Лига Европа се: ПСВ, Рен, Рома, Унион Берлин, Манчестер Јунајтед, Митјиланд, Нант и Монако.
Тие во борба за осминафиналето ќе ги вкрстат силите со третопласираните екипи од групната фаза во Лигата на шампионите: Ајакс, Баер Леверкузен, Барселона, Спортинг, Салцбург, Шахтјор, Севиља и Јувентус.
Директен пласман во осминафиналето како победниците на групите обезбедија: Арсенал, Фенербахче, Бетис, Ројал Унион Сен Гило, Реал Сосиедад, Феенорд, Фрајбург и Ференцварош. Овие екипи ќе ја прескокнат денешната ждрепка.