
По двата последователни неуспеси во четвртфиналето на Лигата на шампионите и незадоволителните резултати на домашниот фронт, Реал Мадрид се наоѓа пред сериозен процес на реструктурирање, пишува АС.
Промените може да почнат од тренерската позиција. Иако долго време се веруваше дека Aрбелоа ќе биде долгорочно решение, претседателот Флорентино Перез имаше различни планови, кои сега се во полн ек.
Исхрана, повреди и тренинг – совети од доктор по спортска медицина | Уште еден поткаст
Се очекуваат големи промени и меѓу играчите. Наскоро истекуваат договорите на Дани Карвахал, Антонио Рудигер и Давид Алаба. Карвахал сака да остане по секоја цена, но слични амбиции имаше и Лука Модриќ, чие заминување е веќе позната приказна. Рудигер, по неговата епизода во Лондон, докажа дека сè уште може да игра на највисоко ниво и останува важна опција во одбраната заедно со Милитао, додека Алаба практично излезе од сите комбинации.
Ситуацијата со Дани Себајос дополнително ги комплицира плановите. Иако има договор до 2027 година, не успеа да се избори за позначајна улога, а неговото заминување летово станува сè поизвесно.
Под знак прашање е и иднината на Едуардо Камавинга. Иако претходно се сметаше за долгорочно решение, слабите партии отворија можност за трансфер ако пристигне соодветна понуда. Интерес покажуваат Париз Сен Жермен и неколку англиски клубови. Слично важи и за Фран Гарсија, кој е баран на пазарот.
Јасно е дека покрај заминувањата, ќе има и нови доаѓања. Перез, по европското разочарување, порача дека една сезона без трофеи е неуспех, а две по ред се неприфатливи. Затоа Реал ќе мора да инвестира, а во приоритетите се доведување нов стопер и креативен играч за врска.
Според информациите од АС, главна мета би можел да биде младиот Холанѓанец Кеес Смит од АЗ Алкмар, додека во одбраната желба е Нико Шлотербек од Борусија Дортмунд, чиј договор вклучува клаузула која би можела да овозможи трансфер за 50 до 60 милиони евра.
Покрај тоа, се очекува враќање на младите таленти како Ендрик, кој блескаше на позајмица во Лион и Нико Паз, за чиј враќање од Комо, Реал би требало да издвои околу десет милиони евра.
Јасно е дека пред Кралскиот клуб претстои бурно лето кое би можело да ја дефинира неговата иднина на европската сцена.