Дома Фудбал Брајтон го прегази Палас, а Хурцелер веднаш спушти топка: Останете скромни

Брајтон го прегази Палас, а Хурцелер веднаш спушти топка: Останете скромни

Брајтон продолжува да импресионира во Премиер лигата, а најновата жртва беше големиот ривал Кристал Палас, совладан со убедливи 5-0. Сепак, и покрај моќното издание, менаџерот Фабијан Хурцелер испрати јасна порака до своите играчи – да останат цврсто на земја.

Домашниот тим експлодираше уште на стартот и за само десет минути веќе имаше огромни 3-0. Сè почна со автоголот на Џејди Канвот, потоа следуваше мајсторијата на Диего Гомез, а Јасин Ајари рутински ја заокружи раната доминација.

Со тоа Брајтон стана само деветтиот тим во историјата на Премиер лигата што постигнал три гола во првите 10 минути од еден натпревар, и прв по Њукасл против Тотенхем во април 2023 година.

По паузата, Харалампос Костулас погоди четири минути по почетокот на второто полувреме, а Џек Хиншелвуд стави точка на убедливиот триумф на шест минути пред крајот.

Ова беше четврта последователна победа за Брајтон во лигата, а тимот веќе е на бројка од 23 постигнати голови – нивен најдобар учинок во оваа фаза од сезоната во првите четири англиски ранга. Интересно, во петте најсилни европски лиги сезонава само Барселона има повеќе постигнати голови од Брајтон – 39.

По натпреварот, Хурцелер не го криеше задоволството, но истовремено побара и дополнителна зрелост од својата екипа.

„Многу сум среќен за нашите навивачи. Долго го чекаа ова чувство, да го победиме ривалот. Имавме уште една добра партија, уште еден натпревар без примен гол и тоа е важно. Среќен сум за момците.

Но, иако е важно да се прослават головите и победата, секогаш има простор за напредок. Мора да останеме скромни и да разбереме зошто сме таму каде што сме во моментов“, изјави Хурцелер.

Натпреварот дополнително ќе се памети и по фантастичниот погодок на Гомез од далечина. Неговиот удар од 51 метар веќе се споменува како сериозен кандидат за гол на сезоната. Воедно, тоа е најдалечниот погодок во Премиер лигата уште од ноември 2017 година, кога Вејн Руни постигна гол за Евертон против Вест Хем од 58 метри.

На спротивната страна, за менаџерот на Палас, Пјер Саж, ова беше кошмарно попладне. Неговиот тим упати само пет удари, што е нивен најнизок број на еден премиерлигашки натпревар сезонава.

Кристал Палас сега го запиша четвртиот пораз во првенството и се наоѓа на 14. место, со само два бода повеќе од 18-пласираниот Фулам. Дополнително загрижува и фактот што екипата примила 17 гола во првите седум кола, а полош старт во таа категорија немала уште од сезоната 1980/81, кога во оваа фаза имала примено 21 погодок.

Саж по натпреварот ја презеде вината врз себе.

„Имам само едно чувство – срам. Во ваков натпревар мора да покажеш поинакво лице, а ние го покажавме најлошото. Тоа не можеме да го прифатиме, особено начинот на кој го почнавме мечот. Не се боревме во тие моменти. Кога по девет минути веќе беше 3-0, натпреварот целосно се смени.

Моја вина е, бидејќи јас сум тренерот. Јас им го дадов правецот, мотивацијата и ја подготвив ситуацијата. Игравме многу лошо. Ова е моја одговорност“, порача тренерот на Палас.

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Фудбал

Проверете

Реал ја прегази Севилја: Мбапе блескаше во Мадрид, „кралевите“ дадоа четири

Реал Мадрид одигра моќен меч на свој терен и со 4:1 ја совлада Севилја во 9. коло од Ла Ли…