
Баерн во победата од 5:1 против Келн го подигна трофејот на Бундеслигата, а пред последниот домашен натпревар оваа сезона клубот се збогуваше со тројца играчи кои заминуваат на крајот од сезоната – Леон Горецка, Рафаел Гереро и Николас Џексон.
Зошто проблемот со улични кучиња СÈ УШТЕ постои? | Уште еден поткаст
Особено емотивно беше збогувањето со Горецка, кој беше клучен член на една од најуспешните генерации на Баерн, па навивачите на Алијанц Арената го испратија со гласен аплауз и транспаренти.
Горецка се проби како лидер во соблекувалната во текот на осум години, а навивачите го ценеа за неговата борбеност и посветеност кон клубот.
Во последните сезони не беше секогаш во преден план, но остана важен дел од тимот и играч од доверба во клучните натпревари.
Одигра 311 натпревари со 51 гол и 53 асистенции, а го поврзуваат со Милан каде најверојатно ќе ја продолжи кариерата.
Навивачите се збогуваа и со Гереро, Португалецот кој беше исклучително корисен играч во ротацијата, покривајќи разни позиции каде што беше потребно.
Одигра 94 натпревари со 14 голови и осум асистенции за Баерн откако пристигна во летото 2023 од Борусија Дортмунд, а се споменува дека Бенфика е заинтересирана за ангажман на 32-годишниот Португалец.
Клубот го напушта и напаѓачот Николас Џексон, кој по истекот на позајмицата се враќа во Челси, а Сенегалецот оваа сезона беше замена за Хари Кејн и постигна 11 голови и четири асистенции во 34 натпревари.