
Тренерот на Арсенал, Микел Артета, истакна дека во реваншот против ПСЖ ќе мора да одиграат нешто посебно ако сакаат да се пласираат во финалето на Лигата на шампионите, откако во вторникот на својот стадион беа поразени со 0:1. “Имавме многу шанси за гол, Мартинели и Тросар беа еден на еден против Донарума.
Да постигнаа гол, сега ќе бевме во сосема поинаква ситуација. Но, голманот на ПСЖ одлично реагираше и токму тоа прави разлика во натпреварувањата како што е Лигата на шампионите. Во Париз ќе мораме да одиграме нешто посебно ако сакаме да се пласираме во финалето”, рече Артета по синоќешниот пораз 0:1 во првиот натпревар од полуфиналето на Лигата на шампионите.
Од семејна традиција до модерен бренд ↓↓↓
Францускиот шампион дојде до победата со гол од Осман Дембеле во 4. минута на натпреварот. Ова е првпат од февруари 2016 година „Топџиите“ да не постигнат гол на својот Емирати во натпреварите од Лигата на шампионите.
Тренерот на Парижаните, Луис Енрике, ја истакна поддршката од навивачите: “Нашите навивачи беа две и пол илјади, а во секој момент ја чувствувавме нивната поддршка, атмосферата на стадионот беше одлична. Добро го отворивме натпреварот, што ни го подигна дополнително самодовербата.
Имаше периоди кога се мачевме, но моите играчи покажаа вистински карактер. Среќни сме со резултатот и играта што ја пруживме, но можеме уште подобро, и тоа сите треба да знаат”.
Добар настап во гостинската одбрана имаше еквадорскиот стопер Вилијан Пачо: “Кога играме еден за друг, како вистински тим, никој не може да не победи. Нашите навивачи беа одлични, ги слушавме цела игра. Така ќе биде и на Паркот на принцовите, ние играчите и нашите навивачи сме како семејство, заедно ќе победиме”.
Реваншот е во Париз на 7 мај. Во другото полуфинале се среќаваат Барселона и Интер, а првиот натпревар е во среда во Барселона.