
Македонскиот репрезентативец Езѓан Алиоски би можел повторно да го облече дресот на швајцарскиот клуб Лугано, откако таму настапуваше една и пол сезона, пренесуваат швајцарските медиуми.
Иако засега нема официјална потврда, неговиот агент Дино Ламберти открива дека постои интерес од неколку клуба во земјата.
Од семејна традиција до модерен бренд ↓↓↓
„Во моментов немаме нешто конкретно, но Лугано е една од опциите што ги разгледуваме. Сепак, приоритетот на Езѓан е странство. Во Швајцарија има два до три тима кои покажале интерес“ изјави Ламберти, основач на агенцијата ФПА Ферплеј, која го застапува македонскиот интернационалец.
Ламберти додава дека враќањето во Лугано не е исклучена можност.
„Разговараме со клубот, но одлука сè уште не е донесена. Враќањето во Тичино е опција која сериозно ја разгледуваме, но ништо не е финализирано“, додаде агентот на македонскиот фудбалер.
Иако престојот во Лугано беше релативно краток, Алиоски остави значаен впечаток – на 54 официјални натпревари во шампионатот и Купот постигна 20 голови и запиша 16 асистенции.
Ако се остварат шпекулациите, можно е уште еднаш да го гледаме Алиоски во швајцарското првенство, каде веќе има изградено респектабилна репутација.
Фото: ФФМ