Тренерот на фудбалерите на Ливерпул, Јирген Клоп ги повика денес навивачите да размислуваат на глобалниот имиџ на клубот кога играчите на Рома ќе дојдат на „Енфилд“ на првиот меч од полуфиналето во Лигата на шампионите.
Навивачите на Ливерпул го нападнаа автобусот на Манчестер Сити во рамки на првиот четвртфинален меч, па дојде и до судири со полицијата, во кои две лица од безбедносните сили беа повредени.
Пред дербито, падна најважниот потпис во Манчестер Сити! ↓↓↓
Клоп истакна дека тогаш се засрамил поради однесувањето на навивачите, но ги предупреди тоа да не го повторат кога ќе пристигне автобусот со играчите на Рома.
„Ова е фантастичен фудбалски клуб, извонредно фудбалско семејство, познато по фантастичната атмосфера ширум светот.. Така што не мораме да фрламе со било што на автобусот. Замолувам да се покаже почит каква што заслужуваат“, истакна Клоп.
УЕФА покрена дисциплинска постапка против Ливерпул по нападот на тимскиот автобус на „Граѓаните“.
Случајот нема да биде испитан од страна на дисциплинското тело на УЕФА до 31. мај, што е по завршувањето на ЛШ, а тоа значи дека санкциите ќе бидат применети следната сезона. Евентуалното повторување на истиот или сличен инцидент би довел до посилни санкции од УЕФА, а можеби и „итни санкции“ во пресрет на реваншот во Рим.
„Навистина мислам дека можеме да му покажеме на цел свет дека се прекрасни луѓето од Ливерпул, да го претставиме градот и духот на клубот“, истакна Клоп.
Атмосферата пред, но и на самиот „Енфилд“ како да влијаеше на играчите на Манчестер Сити, кои во првиот меч загубија со 3:0.
„Создадоа најдобра атмосфера во фудбалот. Не знам дали можат подобро од она со Манчестер Сити, но ајде да се обидеме да направиме одлична атмосфера и да уживаме во неа. Јас знам дека моите играчи ќе направат се што можат на теренот. Ако не можете да уживате во таква атмосфера, тогаш нешто не е во ред со вас“, истакна Клоп.