Дома Македонски спорт Мак ракомет Колумна: Докторот Раул и нацијата гладна за успех!

Колумна: Докторот Раул и нацијата гладна за успех!

Пред неколку месеци во Келн ја одбрани својата докторска дисертација. Докторираше на присобраната ѕвездена „скупина“ од најракометната земја на светот, денес сите знаат дека си најдобриот, а ние сме горди што до таму стигна со македонското знаме на градите.

Во корпоративниот свет во кој што живееме богатиот го купува својот џелат и ние тука ништо не можеме. Дури и генијалците не можат да останат имуни на петродоларите од Катар, тоа го видовме и летово кога еден Бразилец летна од Барса дирекно на врвот на Ајфеловата кула.


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Македонија до пред неколку месеци не знаеше дека има генијалец дома. Во Раул гледавме како на млад тренер дојден од Ваљадолид и како најголем квалитет му го препишувавме тоа што зборува македонски. Импресионирани бевме од чичкото со наочарите кој кај нас дојде со многу трофеи во џеб и за нас беше ракометен Бог. Него му дадовме и пасош, овој другиот ни даде виза за ракометна елита.

Да не ме разберете погрешно, Червар и заслужува да биде ставен на пиедестал (оти таму секогаш има место не само за еден). Тоа што Борко сега мава директно во хепар е лична работа, а омразата и желбата за одмазда го засенуваат рациото. Червар направи многу за нас и придонесе во развојот на ракометот во сите сегменти, тоа е аксиом!

Единственото нешто со што се согласувам со Борко е што ни направи услуга кога замина во Хрватска, така направи место за човекот кој беше логичен избор и негова замена.

Нашата репрезентација во тој момент беше сита, а нема ништо полошо од спортист со полн стомак кој не е гладен за нови победи и способен да гризе. После Полска завладеа апатија, а ние ризикувавме да не направиме значаен успех со најдобриот колектив кој оваа нација го имала во било кој спорт.

Тоа е првото и најважно што го направи Раул, го врати ентузијазмот и тоа тивко, без помпа и без спектакуларни пресконференции. Оти можеш да бидеш тактички гениј, ама џабе ти е ако немаш лавови на терен, а Раул ги има. Квалитетот на Кире (играч каков што се раѓа еднаш на 100 години), искуството на Миркуловски, полетноста на Манасков и Ѓорѓиевски, дрскоста на Талески и Кузмановски и Столе на кого никој ништо не му може.

Сега сите со право се надеваме на полуфинале и срамежливо мислиме на медал. Но, овој пат ако тоа се случи нема да биде чудо или „леле што направивме“, бидејќи сега знаеме што имаме и колку вредиме.

Само да не послужи среќа, а среќата не е ништо друго туку работа, ја добива тој што се труди и верува во неа.

П.С. Македонија пак ќе ти салутира Команданте, вака или онака…

Пишува: Петар Кузманоски

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Мак ракомет

Проверете

Барселона го најде наследникот на Левандовски

Барселона сака да ангажира талентиран фудбалер во нападот, а изборот паднал на фантас…