
Најлошото сценарио засега е избегнато за Давид Раја. Повредата на рамото нема да бара операција, потврди Микел Артета, но Арсенал сè уште не знае кога ќе може повторно да смета на својот прв голман.
Шпанецот мораше да биде заменет при ремито со Њукасл од 2-2. Силните болки првично предизвикаа страв дека ќе биде потребен хируршки зафат и отсуство од неколку месеци. Сепак, магнетната резонанца направена во текот на викендот донела значително поохрабрувачки наоди.
„Кога видовме колкави болки има, очекувавме многу полоши вести. Првите испитувања нè охрабрија. Најважно е што не е потребна операција, бидејќи во тој случај ќе го загубевме со месеци“, објасни Артета.
Раја сигурно го пропушта дуелот со Борусија Дортмунд во вторник. Тогаш треба да направи и дополнителни прегледи, по кои ќе има појасна слика за оштетувањето на рамото. Артета не можеше да потврди дали голманот ќе биде подготвен за неделната пресметка со Манчестер сити во Премиер лигата.
Во негово отсуство, изборот е меѓу Кепа Аризабалага и Илан Мелие. Кепа влезе од клупата против Њукасл, додека Мелие ја доби шансата на претходниот натпревар на кој Раја беше поштеден – поразот од Флитвуд Таун во четвртото коло на Лига купот.
Артета порача дека веќе знае кој ќе брани против Дортмунд, но не го откри името. За настапот на Мелие во купот објасни дека сакал да му покаже доверба на голман кој секојдневно работи добро и им дава поддршка на соиграчите.
Пол Мерсон, пак, предупреди дека отсуството на Раја може да се почувствува во претстојниот тежок распоред. Според него, Арсенал има квалитетен состав за да се справи со проблемот, но останува без голман кој носи бодови и има важна улога во започнувањето на акциите. Покрај Дортмунд и Сити, меѓу следните противници се Брентфорд, Тотенхем и Реал Мадрид.
Фото: Supporterhéninois / Wikimedia Commons, CC0