
Еден „лајк“ на Винисиус Жуниор беше доволен шпанските медиуми повторно да се навратат на неговиот затегнат однос со Чаби Алонсо. Фудбалерот на Реал Мадрид ја означи со допаѓање објавата на фудбалската страница „433“ на Инстаграм за поразот на Челзи од Лидс со 1:4 на „Стемфорд бриџ“.
Нема потврда што сакал да порача Бразилецот со тој потег. Сепак, вниманието е насочено кон фактот дека на клупата на лондонскиот тим седи токму Алонсо, со кого Винисиус имаше несогласувања додека соработуваа во Мадрид.
Највпечатливата сцена од нивниот однос се случи на 26 октомври 2025 година, во Ел Класико на „Сантијаго Бернабеу“. При водство на Реал од 2:1 против Барселона, Алонсо во 72. минута го внесе Родриго на местото на Винисиус. Бразилецот не го криеше револтот: гестикулираше, извика „Секогаш јас!“ и замина кон соблекувалната, а потоа се врати на клупата.
Реакцијата ја засени и победата на мадридскиот тим. Неколку дена подоцна следуваше јавно извинување до навивачите, соиграчите, клубот и претседателот Флорентино Перез, но името на Алонсо изостана од пораката. Тренерот тогаш порача дека случајот е затворен, иако нивниот однос продолжи да биде тема во јавноста.
Винисиус во тој период имаше помалку значајна улога отколку претходно, а замените често предизвикуваа негово незадоволство. Алонсо го напушти Реал во јануари 2026 година, по поразот од Барселона во финалето на шпанскиот Суперкуп. Од Бразилецот немаше јавна проштална порака.
Сега шпанскиот стратег минува низ тежок период со Челзи. По 11 премиерлигашки кола, лондонскиот клуб е осми со 16 бода, освоени со пет победи и едно реми, покрај пет порази. Три од последните четири првенствени средби завршија со пораз.
Лидс дополнително ја продлабочи кризата, славејќи на гостување кај Челзи за првпат по 1999 година. По натпреварот, Алонсо призна дека неговиот состав е во тежок период и покажува ранливост.