
Трагична вест го одбележа куп-натпреварот меѓу Торенсе и Бенфика. Навивач на домашниот клуб почина во болница откако за време на средбата доживеал срцево-респираторен застој.
Португалската фудбалска федерација во понеделникот ја потврди смртта на 72-годишниот гледач. Според нејзиното соопштение, објавено на официјалната веб-страница, здравствениот проблем се случил на полувремето од неделниот натпревар во Купот на Португалија.
На навивачот му била укажана медицинска помош на трибините на стадионот. Тој потоа починал во болница, како што соопшти федерацијата.
Торенсе објави дека станува збор за Жувенал Сантос, долгогодишен приврзаник со сезонски билет за натпреварите на клубот. Актуелниот освојувач на Купот на Португалија преку социјалните мрежи се прости од својот навивач.
Во пораката, клубот изрази жалост за загубата на член од своето фудбалско семејство и потсети дека луѓето, емоциите и заедничката страст се суштината на фудбалот.