Дома Фудбал Конте: Се засрамив против Арсенал, а потоа го најдов шампионскиот Челси

Конте: Се засрамив против Арсенал, а потоа го најдов шампионскиот Челси

Конте: Се засрамив против Арсенал, а потоа го најдов шампионскиот Челси

Шампионскиот пресврт на Челси под Антонио Конте почнал во момент кога Италијанецот се чувствувал засрамен. Негативата од 3-0 на полувремето против Арсенал му потврдила дека мора да ја промени поставеноста на тимот, иако уште од првите натпревари чувствувал дека нешто не функционира.

Во разговор за подкастот „Кронаке ди Спољатои“, Конте се наврати на престојот на „Стемфорд бриџ“ од 2016 до 2018 година, во кој освои премиерлигашка титула и ФА куп. Објасни дека почетната замисла со четворица во одбраната не му ја носела контролата што ја барал, без оглед на резултатите.

Нерешените 2-2 со Свонси биле предупредување, а по домашниот пораз од Ливерпул со 1-2 дошол и тежок удар од Арсенал. Особено многу проблеми му создавал Ектор Белерин. За Конте, тоа бил еден од ретките натпревари на кои почувствувал срам поради изданието на својот тим.

Одговорот бил премин на 3-4-3. Против Хал, Цезар Аспиликуета добил место во тројката во одбраната, а важна улога добил и Виктор Мозес, кого клубот претходно сакал да го продаде. Потоа дошла серијата од 13 победи, со која Конте конечно препознал екипа што игра според неговите барања. Според неговото сведоштво, првичната цел била пласман меѓу најдобрите десет, а сезоната завршила со титула.

Посебно место во неговите сеќавања има Н’Голо Канте. Конте го посакувал по шампионската сезона со Лестер, убеден дека неговата енергија му дава на тимот чувство како да има дополнителни играчи на теренот. Но, првата средба сепак го изненадила: зад агентот се појавил насмеан фудбалер кој му изгледал многу поситен отколку што очекувал.

За миг се запрашал како Канте ќе се справува со физичката сила во Премиер лигата. Таа дилема брзо исчезнала, а денес Французинот го вбројува меѓу најдобрите играчи што ги тренирал, нагласувајќи ги и неговите човечки квалитети.

Конте се осврна и на Сеск Фабрегас, поранешниот диригент на Челси кој како тренер го одведе Комо во Лигата на шампионите. За Италијанецот, тој развој не е изненадување: уште како играч, Шпанецот постојано сакал да учи, да разбира и да ги предвидува акциите пред топката да стигне до него. Токму во таа љубопитност и фудбалска интелигенција Конте ја препознавал неговата идна тренерска насока.

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Фудбал

Проверете

Финска го избра наследникот на Фрис: Лехкосуо доби петгодишен договор

По три години со младата репрезентација, Мика Лехкосуо ја презема сениорската селекција на…