
Празен простор пред него, кошот на дофат, но без забивање. Виктор Вембањама избра невообичаена завршница во победата на Сан Антонио над Лос Анџелес Клиперс со 124:112, а објаснувањето по натпреварот покажа дека не станувало збор за желба да направи атракција.
Францускиот центар подолго време има жуљ на раката, поради кој допирот со обрачот при забивањата му предизвикува силна болка. Затоа, кога има избор, се обидува да постигне поени без таков контакт.
Токму таква можност доби на помалку од четири минути до крајот, додека Спарс имаа двоцифрена предност. По промашувањето на Руи Хачимура, Вембањама тргна во контранапад и остана без противнички играч пред себе. Наместо очекуваното забивање, изведе движење налик на скок-шут од непосредна близина и ја спушти топката во кошот одозгора, без да се фати за обрачот.
Потегот брзо привлече внимание на социјалните мрежи, а 22-годишниот кошаркар на прес-конференцијата ја откри причината.
„Нема да лажам, тој жуљ го имам многу долго и ме измачува. Секое забивање многу ме боли. Кога можам да го избегнам, го избегнувам. Навистина е многу болно“, објасни Вембањама.
Сепак, болката не го спречува да биде меѓу кошаркарите што најчесто забиваат во НБА. Во првите 15 натпревари сезонава запиша 69 забивања, односно просечно по 4,6 на средба.
Со висина од 224 сантиметри и исклучително долги раце, Французинот може да завршува над обрачот и од позиции од кои другите кошаркари мора да положуваат. Против Клиперс ги искористи тие предности на поинаков начин — за да го поштеди болното место на раката.