
Партизан има шест победи по 11 евролигашки кола, а следниот испит му е против екипа од самиот врв. Во Белградската арена пристигнува Валенсија, во натпревар од 12. коло што започнува во 20:45 часот.
Шпанскиот состав е лидер со биланс 8-3, ист каков што имаат и Панатинаикос, Олимпијакос и Барселона. Валенсија остана меѓу најпријатните изненадувања во натпреварувањето и покрај големите промени: заминаа Педро Мартинез и неколкумина од најдобрите играчи, но беше задржан пристапот со брза кошарка. Во таквиот систем одлично се вклопи Ти Џеј Шортс.
Гостувањето носи посебна приказна за Армони Брукс. Тој пред сезоната бил многу блиску до Партизан и практично имал договор со белградскиот клуб. Сепак, се решил за проектот на Асвел, кој потоа пропаднал, па Валенсија ја искористила можноста да го ангажира во момент кога изборот на пазарот веќе бил значително намален.
Дополнителна врска меѓу двата клуба е Жоан Пењароја. Тренерот на Партизан ја предводеше Валенсија во сезоната 2021/22, а сега ќе се обиде да ја запре со „црно-белите“, чиј почеток во Евролигата ги надмина првичните очекувања на навивачите.
Пењароја ќе може да смета на Карлик Џонс, Лука Вилдоза и Ламар Стивенс. Надвор од составот за овој натпревар сигурно ќе бидат Кевариус Хејс и Итан Томпсон.
Евролигашките меѓусебни пресметки засега не даваат предност на ниту една страна – двете екипи имаат по три победи. Последниот дуел во Белградската арена донесе особено возбудлива вечер: се играа две продолженија, а за 50 минути беа постигнати вкупно 214 поени.
Судиската тројка ја сочинуваат Роберт Лотермозер, Артурас Шукис и Иг Тепние. Телевизискиот пренос е најавен на Арена спорт Премиум 2.
Фото: Telegraf