
ПСЖ подготвува голема ракометна вечер во Берси. Францускиот шампион потврди дека на 3 март 2027 година ќе го пречека Фуксе Берлин во „Акор арена“, каде што првпат ќе настапи во Лигата на шампионите.
За парижаните тоа ќе биде последниот натпревар од групната фаза, а пресметката со германскиот тим би можела да има големо значење во борбата за пласман во четвртфиналето. Истовремено, преселбата во познатата сала отвора можност да биде урнат францускиот рекорд по посетеност на натпревар од ракометната Лига на шампионите.
Засега тој е во сопственост на Нант, кој во декември 2025 година привлече 10.624 гледачи на дуелот со Кјелце. ПСЖ веќе има искуство со значително поголема публика во Берси, но во домашното првенство.
Во мај 2024 година, средбата на ПСЖ со Екс ја следеа 14.840 навивачи, со што беше поставен рекорд за натпревар од француската ракометна лига. Минатата сезона, пак, повеќе од 11.000 гледачи присуствуваа на првенствениот дуел со Нант во истата арена.
Зголемен интерес има и за натпреварите во салата „Пјер де Кубертен“. Неодамнешното гостување на Алборг привлече 3.230 навивачи, што е најдобра домашна посетеност на ПСЖ во последните две сезони.
Сепак, спортскиот предизвик во Берси ќе биде тежок. Фуксе Берлин беше финалист во претходното издание на Лигата на шампионите, додека ПСЖ ќе се обиде да стигне подалеку по минатосезонската осминафинална елиминација од Веспрем.
Пролетта 2027 година ќе донесе уште ракометни настани во „Акор арена“: таму се закажани и завршниот викенд од Купот на Франција и финалето на француското првенство.
Фото: Handball-Planet