
Дванаесет натпревари суспензија за Хесус Овоно е одлуката на дисциплинската комисија на Шпанската фудбалска федерација по трагедијата на дуелот меѓу Андора и Тенерифе. Напаѓачот Хесус де Мигел почина еден ден по судирот со голманот.
Инцидентот се случи во завршницата од натпреварот во Сегунда на почетокот од месецов. Овоно, 25-годишен репрезентативец на Екваторијална Гвинеја, доби црвен картон, а средбата беше прекината во седмата минута од судиското продолжение.
При изрекувањето на санкцијата, комисијата се повика на судискиот записник. Во него е наведено дека голманот со нога насилно го удрил противникот во градите, употребувајќи прекумерна сила додека топката била во игра. Според дисциплинското тело, природата на стартот и околностите ја оправдуваат максималната казна од 12 натпревари.
Федерацијата реши и дека резултатот 2-2 останува конечен. Натпреварот нема да продолжи од моментот на прекинот, со образложение дека во вакви исклучително трагични околности тоа е најдостоинственото решение.
Неизвесна останува и фудбалската иднина на Овоно. Тренерот на Андора, Карлес Мансо, во четвртокот изјави дека голманот сè уште не одлучил дали ќе се врати на терените.
Овоно претходно преку соопштение изрази длабока болка поради смртта на Де Мигел и порача дека со најголема почит ќе се соочи со сè што следува.
Шпанската полиција отвори истрага за можно убиство од небрежност, што според шпанските закони е вообичаена постапка во вакви случаи.
Фото: Sky Sports