Дома Фудбал Прегратка поважна од ривалството: Кимих откри зошто му пријде на Ковач

Прегратка поважна од ривалството: Кимих откри зошто му пријде на Ковач

Прегратка поважна од ривалството: Кимих откри зошто му пријде на Ковач

Резултатот 2:2 не беше единствената приказна од дербито меѓу Борусија Дортмунд и Баерн. Покрај аут-линијата, Јозуа Кимих и Нико Ковач споделија момент во кој фудбалското ривалство немаше никакво значење.

За капитенот на Баерн ова беше прв настап по ненадејната смрт на неговиот татко Бертхолд, кој почина на 57-годишна возраст. Кимих поради семејната трагедија ги пропушти претходните три натпревари на клубот.

Во првото полувреме тој се доближи до тренерот на Дортмунд, кратко разговараше со него и го прегрна. По натпреварот објасни дека сакал лично да му се заблагодари за поддршката во тешките денови.

„Ми испрати порака во текот на неделата. Тоа навистина многу ми значеше. Затоа му се заблагодарив“, изјави Кимих за „Скај спорт“.

Нивната соработка во Баерн траеше година и пол, во периодот од 2018 до 2019 година. За Ковач, тој однос не завршува со промената на клубот и со местото на спротивната клупа.

Хрватскиот стратег на прес-конференцијата објасни дека му изразил сочувство веднаш по веста за смртта на неговиот татко, а Кимих му одговорил. Дербито беше можност и лично да се сретнат.

„За мене е сосема нормално да се поздравиме и да се прегрнеме. Тоа беше човечки гест од двајцата и мислам дека така и требаше да биде“, порача Ковач.

Кимих по дуелот првпат јавно зборуваше за загубата и за тешкото враќање на секојдневните обврски. Фудбалот, како што објасни, барем накратко му помогнал да ги тргне мислите од болката.

„Зад мене е многу, многу тешка недела. Мило ми е што повторно сум на теренот. Не беше лесно, но додека играте, барем за момент заборавате на сè“, рече германскиот репрезентативец.

Тој им се заблагодари на Баерн, на Германскиот фудбалски сојуз и на сите што биле покрај неговото семејство. Особено го трогнало присуството на голем број луѓе на погребот. За својот татко зборуваше како за постојана потпора во кариерата, човек кој верувал во него и во миговите кога самиот се сомневал во своите можности.

Поддршка од редовите на Дортмунд доби и по последниот свиреж. Неговиот репрезентативен соиграч Нико Шлотербек му пријде и го прегрна.

Фото: Index.hr

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Фудбал

Проверете

Струга пак го совлада Вардар, Шкемби доби силен поттик пред Шкендија

Голот на Радески ѝ донесе на Струга победа од 1-0 кај Вардар. Бледи Шкемби го нагласи знач…