
Париз сака евролигашката вечер против Валенсија да биде и порака за заедништво. Францускиот клуб најави дека во „Адидас арена“ ќе покани граѓани погодени од протестите на 17 октомври, како и дел од службите ангажирани за време на собирите и по нив.
Меѓу поканетите се трговците чии објекти претрпеле штета, заедно со нивните семејства, средношколци и студенти во тешка материјална положба. Место на трибините ќе има и за пожарникарите што биле на терен за време на протестите, како и за работниците задолжени за чистење на париските улици по собирите.
Иницијативата ја потврди претседателот на клубот, Дејвид Кан. Тој порача дека различните животни околности и ставови не ја исклучуваат можноста луѓето да споделат исти емоции. Наместо во преден план да бидат поделбите, клубот сака преку кошарката да потсети на силата на она што ги поврзува граѓаните.
Париз ја пречекува Валенсија во петок од 20:45 часот, во натпревар од седмото коло на Евролигата.