
Стивен Џерард порача дека нема никакво каење што во текот на кариерата не го напуштил Ливерпул, иако за него постоел интерес од Реал Мадрид, Интер и Баерн Минхен.
Поранешниот капитен на „црвените“ мина 17 години на „Енфилд“, период во кој запиша 710 настапи, постигна 186 голови и освои осум трофеи.
Најголемиот белег го остави во 2005 година, кога како лидер на тимот го одведе Ливерпул до титулата во Лигата на шампионите по легендарното финале против Милан. Во својата клупска ера освои и два ФА Купа, три Лига купа, еден Куп на УЕФА, односно денешна Лига Европа, како и еден Суперкуп.
Единствено што не успеа да го освои со Ливерпул беше титулата во Премиер лигата.
Џерард откри дека најголем дел од интересот од странство дошол преку Жозе Мурињо, во периодите кога Португалецот ги водел Реал Мадрид и Интер. Баерн, пак, го разгледувал како опција во 2015 година, кога Бастијан Швајнштајгер си заминуваше од клубот. Во повеќе наврати со него се поврзуваше и Челзи.
Иако денес гледа како фудбалери како Хари Кејн и Џуд Белингем освојуваат трофеи надвор од Англија, Џерард вели дека неговата одлука никогаш не била доведена во прашање.
„Имав интерес од странски клубови и најголемиот дел од тоа беше преку Жозе Мурињо.
Интер, Реал Мадрид, во неколку наврати, а при крајот имаше и разговори со мојот агент кога Швајнштајгер си заминуваше од Баерн.
Steven Gerrard is Liverpool’s Greatest
— Liverpool FC (@LFC) July 5, 2026
Не бев премногу заинтересиран, затоа што во тој период воопшто не размислував да си заминам од Ливерпул.
Уживав во фудбалот под водство на Брендан Роџерс кога се појави таа можност, но да, три или четири големи клуба покажаа интерес во текот на мојата кариера, а тоа секако ласка.
Кога ги гледаш Џуд Белингем и Хари Кејн како освојуваат многу трофеи во странство, нормално е понекогаш да ти помине низ глава. Но, немам никакво каење за одлуките што ги донесов. Никакво“, изјави Џерард.